Барселона ќе ја стартува сезоната како актуелен шпански шампион и императив да ја одбрани титулата, а Ханси Флик го подготвува својот тим за сериозниот предизвик, кој треба да биде надополнет и со амбициите конечно да се дојде и до европскиот трофеј.
Германскиот стручњак ќе работи со променет состав, за кого постои простор да биде и надополнет со квалитетни имиња до крајот на преодниот рок, но самиот решил да направи една дефанзивна измена која не зависи од летните промени.
Каталонските медиуми тврдат дека Флик донел одлука да го постави Ерик Гарсија како прва опција за позицијата десен бек, со што Жил Кунде би бил ставен во втор план барем на почетокот на сезоната.
Гарсија го потврдил својот квалитет на оваа позиција за време на подготовките, а претходно одигра одлично и на „Ел Класико“, што за Флик е јасен показател дека може да се снајде со новите задачи.
Од друга страна, Кунде сигурно нема да биде задоволен ако ја загуби позицијата на стартер, посебно што досега беше стандарден и во репрезентацијата, па Французинот може да размислува и за промена на средината.
Уште претходно француските медиуми тврдеа дека ПСЖ сака да го врати дефанзивецот во неговата земја, а се чини дека Флик може да го приближи до трансфер, веројатно во некој од следните преодни рокови.
Актуелниот европски шампион традиционално има шопинг активности во Барселона, а во овој преоден рок на оваа релација патуваше Феран Торес.








