Шест пожари и натаму активни во Македонија, огнот се шири и кон Бојане

Макфакс

15/08/2026

13:50

159

Големина на фонт

а а а

Во Македонија се активни шест пожари на отворен простор, а огнот се шири кон неколку региони, вклучувајќи го и Бојане во Скопско. Според Центарот за управување со кризи, денот бил бележан со 11 пожари, од кои неколку се веќе ставени под контрола, а еден целосно изгаснат.

Шест пожари на отворен простор и натаму се активни во земјава, според најновите податоци на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 13 часот на 15 август.

Во текот на денот биле регистрирани вкупно 11 пожари. Покрај шесте активни, три се ставени под контрола, а еден пожар е целосно изгаснат.

Активни се пожарите во општина Студеничани, во реонот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума. Во Македонски Брод пожарот кај местото Видуш, во близина на Драгов Дол и Локвица, зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Пожар има и кај селото С’лп во општина Велес, на местото Горно Село, каде што гори ниска вегетација и ретка дабова шума.

Во општина Јегуновце активен е пожарот меѓу селата Копанце и Туденце, со ширење кон Бојане во Скопско, каде што е зафатена шума.

Огнени жаришта има и во општина Бутел, кај Визбегово, каде што гори ниска вегетација и ѓубриште, како и во општина Маврово-Ростуше, кај селото Бибај, каде што е зафатена зимзелена шума.

Три пожари се ставени под контрола во општина Крушево – кај селата Борино и Житоше, на релацијата Алданци–Норово и кај селото Селце.

Во општина Битола, пак, пожарот кај Нижеполе, каде што гореле ниска вегетација и бандера, е целосно изгаснат.