Во јужниот дел на Шпанија, во туристичкиот град Гранада, беше регистриран силен земјотрес со магнитуда од 5 степени кој предизвика голема паника, оштетувања на домови и автомобили, а властите прогласија вонредна состојба.
Силен земјотрес со магнитуда од 5 степени ја погоди туристички популарната област во јужниот дел на Шпанија, предизвикувајќи паника меѓу туристите и оставајќи зад себе оштетени домови и автомобили.
Земјотресот ја потресе Гранада, град познат по импресивната палата Алхамбра, околу 1 часот по полноќ по локално време. Според првичните информации, во делови од градот се регистрирани значителни оштетувања на куќи и автомобили, а исплашени туристи во паника ги напуштале хотелите.
Потпретседателот на Владата на Андалузија, Антонио Санс Кабељо, во објава на мрежата „Икс“ соопшти дека надлежните власти прогласиле вонредна состојба.
„Ако сте во Гранада, сте го почувствувале земјотресот, добро сте и вашиот дом нема оштетувања, останете смирени и избегнувајте непотребно влегување и излегување од објектите“, порача Санс Кабељо.
Тој ги повика граѓаните, доколку се на улица, да се оддалечат од фасади, корнизи, балкони, ѕидови и други делови од објектите што би можеле да паднат.
Денешниот земјотрес следува по уште еден потрес што ја погоди Гранада во јули, со магнитуда од 3,7 степени според Рихтеровата скала.








