Прекрасниот хрватски брег одамна важи за задолжителна летна станица на светските ѕвезди, кои, воодушевени од атракциите на овој дел од Јадранот, полека сфаќаат дека Хвар и Дубровник не се единствените дестинации што заслужуваат внимание.
Меѓу скриените бисери е и Примоштен, место со интересна форма, сместено меѓу Шибеник и Трогир, а ова лето го посети и еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Рафаел Надал.
Легендарниот Шпанец вечерал во локална коноба, а потоа прошетал низ тесните камени улички на старото градско јадро и со задоволство се фотографирал со минувачите кои го препознале. Надал, кој никогаш не сакал премногу да се експонира, избрал совршена локација – Примоштен, шармантна оаза во средниот и, според многумина, најубавиот дел на Далмација, идеална дестинација за сите кои копнеат по мирен одмор, и „градот на плажите“, како што со полна причина го нарекуваат.

Да не постоеше тесниот вештачки насип, тој „откинат“ дел од Примоштен официјално би бил остров. Но, првите жители, кои дошле на почетокот на 16 век бегајќи од налетот на Турците, во 1564 година одлучиле да го поврзат со копното. Токму од зборот „премостити“ потекнува името на гратчето и на целата општина, која почнала нагло да се развива во шеесеттите години од минатиот век, за време на општиот туристички бум во Југославија.

Заштитничка на местото е Богородица од Лорето, чија статуа висока 17,30 метри, со лице изрезбано според моделот на Донатело, бдее над Примоштен од видиковецот на ридот Гај. Со светицата е поврзана интересна стара приказна: „Далечната 1835 година, Марко Пргин сонувал слика на Богородица со малиот Исус. Бидејќи сонот оставил силен впечаток врз него, се упатил на другиот крај на Јадранот, во Лорето. Таму купил слика на Богородица и ја пренел овде, заштитена во сандак, кој и денес се чува“.


Пред две лета, парчето земја со уникатна форма – откинато од копното, а потоа повторно споено со него – го привлече вниманието и на новинарите на британскиот весник „The Sun“, кои го прогласија за „скриен бисер на Европа“ и го вброија на листата на најдобри светски дестинации.
„Шармантен и прекрасен, тој претставува идеален избор за сите кои бараат мирно место за одмор“. Да, Примоштен може да се пофали со најубавите и најдолгите плажи, но во вечерните часови не е поштеден од добро познатата медитеранска гужва, констатирале авторите на приказната.

На влезот во старото јадро, токму во делот каде што островот е „премостен“, ќе ве пречека скулптура на маж, жена и магаре. Животот во овие краишта некогаш не бил лесен, а најголема поддршка во тешките работи на луѓето им пружало тоа исклучително корисно, ценето и помалку тврдоглаво животно.
Со море опкруженото јадро од стари камени градби, со лавиринт од тесни улички кои водат до знаменитости од 15 век – црквата „Свети Ѓорѓи“, највисоката точка на полуостровот, живописни места како статуата на рибарот со мачка и фантастичната локална кујна со акцент на морските специјалитети – како да се натпреваруваат кој кого ќе победи во изборот за најголема атракција. Но, и богатото културно наследство, и морето, и гастрономијата – сè заслужува да се најде на првото место.

А на полуостровот спроти него, прекриен со густа шума, се кријат хотели и други сместувачки капацитети, како и она што за време на жешките летни денови на многумина им е најважно – плажите, главниот туристички адут на ова подрачје. Мала Радуча, сместена покрај градското шеталиште и автентичните коноби, нуди и незаборавен поглед кон најстариот дел на градот, по сè единствена дестинација која секој вистински љубител на Јадранот мора да ја посети барем еднаш во животот.
















