Оддел на Државниот совет, највисокиот управен суд во Грција, ги поништи дозволите за работа и студиските програми на три приватни универзитети во Грција.
Одлуката на судот, со кој претседаваше потпретседателот Диомедес Кирилопулос, се однесува на „CITY University“, „Keele University“ и „Anatolia College“, пренесе Екатимерини.
Според првичните информации, одземањето на дозволите се темели на правни прашања поврзани со регулаторните акти со кои се уредува работењето на овие институции и нивните студиски програми во Грција.

Барањата за поништување пред Државниот совет ги поднел Панајотис Лазарато, професор по право на Универзитетот во Атина. По објавувањето на одлуката, тој изјави: „Со голема радост ги поздравувам денешните одлуки, за кои вложив многу личен труд. Нека овие одлуки бидат порака што ќе ја зајакне довербата на граѓаните во правдата и во идеалот за висококвалитетно образование за грчките деца“.
Следниот чекор ќе биде објавувањето на целосното образложение на судската одлука, во кое ќе бидат наведени причините што довеле до одземање на дозволите.
Вниманието сега ќе биде насочено кон реакциите и понатамошните правни чекори на трите засегнати образовни институции, кои нема да можат да работат во новата академска година.








