Снимките од воздух на кои се гледаат десетици ражи, направени недалеку од Њујорк, масовно се проширија на социјалните мрежи. Движењето на животните го забележал дрон со кој над Лонг Ајленд управувала Џоана Штајдл, позната по своите снимки од океанот направени од птичја перспектива.
Освен што снимката навистина е восхитувачка, бидејќи прикажува голем број ражи кои заедно пливаат кон север, каде што водата е постудена, таа укажува и на тоа како климатските промени, односно затоплувањето на водата, можат да влијаат врз периодот на миграција на овие животни. Тоа би можело да ги промени и местата кон кои се упатуваат. Животните се движат сè подалеку кон север во потрага по постудена вода која повеќе им одговара, што на различни начини би можело да влијае врз овој вид.
Овој вид ражи најмногу претпочита температура на водата меѓу 21 и 26 Целзиусови степени. Поради тоа мигрираат кога температурата се зголемува. Во текот на последните 25 години тие можат да се забележат во големи групи покрај плажите на Лонг Ајленд во Њујорк и Лонг Бич во Њу Џерси. Посетителите на овие плажи честопати во прв момент се плашат кога ќе ги забележат, бидејќи од водата се гледаат врвовите на нивните перки, па помислуваат дека станува збор за ајкули.
A drone photographer in New York captured footage of a large fever of stingrays swimming off the coast of Long Island during their annual migration cycle. https://t.co/0SHUBsmaoe pic.twitter.com/65TXUSZIf9
— ABC News (@ABC) August 9, 2026
„Додека ги снимав, чувствував како отчукувањата на моето срце и моето дишење се усогласуваат со движењето на нивните перки … Во тие моменти се чувствував целосно поврзано со нив и присутно“, напиша Штајдл покрај објавеното видео.
Сепак, ражите не се присутни во ова подрачје само во поново време. Нивното присуство е документирано уште во текот на 19 век, додека бројот на потврдени забележувања расте благодарение на технологијата, но и на промените во начинот на кој јавноста и експертите го набљудуваат дивиот свет.








