На социјалните мрежи и во приватни групи денес масовно се ширеа пораки дека водата во Скопје наводно е контаминирана со ешерихија коли, поради што кај дел од граѓаните се создаде паника и се појавија апели да не се користи водата од чешма за пиење.
По информациите што се ширеа во текот на денот, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, свика вонредна прес-конференција на која, заедно со претставници на ЈП „Водовод и канализација“ и лабораторијата, уверуваше дека скопската вода е безбедна за пиење.
Ѓорѓиевски порача дека станува збор за дезинформации со кои се создава паника меѓу скопјани, а најави и дека профилите од кои се шират пораките ќе бидат доставени до МВР.
„Целта за свикување на прес конференцијата е тоа што, искрено, уште вчера имав информации дека од одредени центри се спрема момент во кој ќе се шири паника во градот Скопје дека наводно е присутна одредена бактерија во водата.
Пред некој ден започнаа со приказни на терен за опасност поради депонија на 30 километри од Скопје кај Рашче, што денес се чисти, но никој не спомна дека таму се наоѓа 30 години наназад депонијата.
Кога вчера го разбив тој меур од сапуница кој сакаа да го создадат, следно требаше да се шири паника и од утрово шират по групи во предшколска возраст во градинки, основни училишта и други Фејсбук групи, информации од некоја госпоѓа дека има присутно бактерија Ешерихија коли. Јас одговорно тврдам дека имаме една од петте најдобри води и извори во Европа“, рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека, доколку постоел каков било проблем со водата, тој лично би ја информирал јавноста, додавајќи дека водата ја пијат и тој и неговото семејство.
„Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен.

Првпат по долги години немаме проблем со водоснабдување во лето, ги саниравме навреме пропустите од минатото и сега немаме проблем. Затоа сега се шират лаги и дезинформации за да се створи паника во јавноста“, порача градоначалникот.
Во продолжение тој најави дека ќе се преземат мерки во однос на профилите и лицата кои ги шират информациите.
„Од утринава сакам да ве информирам дека се сублимираат сите профили и лажни и приватни и уредно од страна на директорот на Водовод ќе бидат доставени до МВР, каде што барам да се постапи соодветно. Ова е организиран напад за ширење на хистерија во градот Скопје. Ова не е наивна работа“.
На прес-конференцијата беше посочено и дека лабораторијата на „Водовод и канализација“ секојдневно врши анализи на примероци од различни локации во Скопје.
„Нашата лабораторија на дневна основа прави по 36 анализи на вода, испитувања на примероци од различни локации.
Ако денес се 36 анализи од три општини, утре се зема од други општини, за да биде опфатена цела територија на Скопје“.
Ѓорѓиевски повторно увери дека нема причина граѓаните да стравуваат од водата од скопскиот водовод.

„Водата од скопски водовод, освен јас, ја пие и моето семејство и моето дете. Ако имало било каков проблем, прв ќе бев кој ќе излезе во јавноста тоа да го каже. Нашите структури од Водовод и лабораторијата, цело време работи за подобрување на состојбата со водата во Гостивар“.
На крајот од прес-конференцијата, градоначалникот симболично се напи вода од чешма пред камерите.
„Така што во однос на оној напад и ширење хистерија, сакам на скопјани да им кажам дека се безгрижни, а сега јас ќе се напијам вода од чешма“.
Во своето обраќање, Ѓорѓиевски упати и директен апел до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации.
„Апелирам до граѓаните, да не се создава хистерија, и јас и мојот 8-годишен син ја пиеме оваа вода, а во извештаите од анализите стои дека нема ниту ешерихија коли ниту каква било бактерија во водата“.
















