Случај што ја подели цела нација: Мајка ги уби своите три деца, поротниците не можат да одлучат дали е виновна – го призна морничавото злосторство, но жените ја бранат

Точка

02/09/2026

15:20

221

Големина на фонт

а а а

Поротниците на судењето во случајот на Линдзи Кленси денеска би требало да продолжат со советувањето во Бостон, откако му кажале на судијата дека не можат да се договорат дали таа е виновна за убиството на своите три деца.

Поротата, тогаш на четвртиот ден од советувањето, му испратила порака на судијата Вилијам Саливан во која се наведува дека не успеала да донесе едногласна одлука, што според законот е потребно за осудителна или ослободителна пресуда.

Саливан им рекол на поротниците да продолжат да се обидуваат, што е вообичаена инструкција во кривичните постапки кога поротниците укажуваат дека имаат проблеми со донесувањето пресуда.


Откако остатокот од денот го поминала во советување зад затворени врати, поротата околу 15:30 часот побарала да си оди дома и расправата да продолжи утре наутро.

Кленси, поранешна медицинска сестра, не негира дека ги убила своите деца, но вели дека ги убила затоа што страдала од постпородилна депресија. Таа намерно ги задушила своите деца во семејната куќа во Даксбери: петгодишната Кора, тригодишниот Досон и 8-месечниот Калан, користејќи фитнес-ленти, по што скокнала од прозорец на вториот кат.

Од друга страна, обвинителите тврдат дека таа знаела што прави.


Линдзи за време на судењето се изјаснила дека не е виновна поради недостиг на кривична одговорност.

За време на судењето, поротата детално ги слушала сведочењата на роднини и лекари, кои зборувале дека нејзиното ментално здравје се влошувало со месеци пред убиството на децата, како и дека кратко време се лекувала во психијатриска установа и користела лекови.

Медицинските вештаци, ангажирани од обвинителството и одбраната, дошле до целосно различни заклучоци за нејзината психичка состојба во моментот кога ги убила децата.

Што се случува ако поротата не донесе пресуда?

Доколку поротата не донесе одлука, судењето ќе биде поништено и случајот ќе се врати на почеток. Линдзи по убиството на децата била обвинета за убиство и сместена во психијатриска клиника, каде што го чекала почетокот на судењето.

Обвинителите ќе одлучат дали повторно ќе се обидат со нова порота. Доколку го направат тоа, процесот на избор на поротата ќе започне одново и ќе биде закажано ново судење.


Познатиот адвокат од Бостон, Бред Бејли, смета дека обвинителите би можеле да ѝ понудат на Линдзи спогодба за признавање вина.

„Секогаш кога повторно ќе се појави заканата од повторување на судењето со обвинение за убиство кое виси над клиентот, адвокатите на одбраната, во најмала рака, ќе истражат дали постои интерес за решение“, рекол Бејли.

Одбраната на Линдзи веројатно ќе инсистира на отфрлање на обвиненијата. Бејли очекува нејзиниот адвокат агресивно да лобира против уште едно судење.


„Веројатно ќе играат на картата: ‘Зошто ѝ го правите ова на оваа кутра жена? Таа очигледно и понатаму страда. Казнета е со парализа и, што е уште полошо, со загубата на своите три деца’“, објаснува познатиот адвокат.

Осудителната пресуда би можела да значи доживотен затвор за Линдзи, додека ослободителната пресуда би можела да доведе до нејзино сместување во психијатриска установа.

Жените ја бранат

Стотици поддржувачки на Линдзи Кленси, од кои многу носеле розова облека со пораки како „Верувајте“, „Нејзе ѝ била потребна помош“ и „Мир за Линдзи“, се собираат пред судот во кој ѝ се суди за убиството на трите деца. Неколку од околу 300 жени, како и неколкумина мажи, изјавиле дека приказната за Кленси длабоко ги погодила и дека сакаат да го свртат вниманието кон начинот на кој системот за заштита на менталното здравје ги третира жените.


Адвокатката на Кленси не го оспорува фактот дека таа ги убила децата, но тврди дека не треба да сноси кривична одговорност бидејќи била ментално болна.

И Линдзи не негира дека ги задавила своите деца во нивниот дом јужно од Бостон, но вели дека постпородилната депресија довела до нејзините постапки.

По убиствата, нејзиниот сопруг ја пронашол тешко повредена во дворот, каде што паднала откако скокнала од прозорецот на вториот кат. Останала парализирана од половината надолу.