Дејан Станковиќ неславно ја заврши својата втората етапа во Црвена Звезда како тренер на првиот тим, бидејќи во помрачувањето кое го имаше вчеравечер на „Маракана“ остави еден навистина лош пример за тоа како треба да се однесува еден шеф на стручен штаб.
Станковиќ се сврте против своите навивачи, плукаше во правец кон судијата и на доста бесен начин го напушти теренот откако заработи црвен картон, а сето тоа кулминираше со срамна елиминација од Хапоел Бер Шева во третото квалификациско коло во Лигата на шампиони.
Веднаш по натпреварот, пристигна информација дека Станковиќ ја поднел својата оставка до управата на клубот, а Управниот Одбор на Звезда ќе заседава точно напладне во 12:00 часот и само ќе биде ратификувана одлуката.
Водечките луѓе на Звезда ќе ја прифатат оставката на Дејан и тој ќе биде минато во Звезда, но клубот мора брзо да реагира и веќе се споменува прв најсериозен кандидат за наследник на Станковиќ.
Угледните српски медиуми информираат дека всушност прв избор бил Владан Милојевиќ кој сепак експресно ја одбил Звезда, па во такви услови, сега прв кандидат за наследник на Станковиќ е Алберт Риера, човекот со кого се преговараше и минатата сезона кога Шпанецот заврши во Ајнтрахт Франкфурт, а Деки го започна својот втор мандат на „Маракана“.
Целта на Звезда е брзо да именува нов тренер како еден вид на шок терапија, бидејќи многу брзо ќе пристигне двомечот со Викторија Плзен во бараж колото за влез во Лига Европа.








