Оперативците на Интер полека влегуваат во самата завршница од активностите во летниот преоден рок, а со двете продажби кои ги најавија угледните италијански медиуми, се поизвесно е дека ќе бидат доведени и две посакувани засилувања за кои се преговара веќе некое време.
Италијанскиот шампион се најде во ситуација да продава за да ослободи простор за нови засилувања, а конечната одлука падна на Луис Енрике и Давиде Фратези.
Интересно, двајцата фудбалери ќе бидат испратени во Рим, едниот во Рома, а другиот во редовите на Лацио, откако двата клуба се во завршни преговори за комплетирање на две посебни операции.
Луис Енрике ќе игра една сезона како позајмен фудбалер во Рома и Гасперини ќе доби посакувано засилување на крилните позиции, со тоа што „волчицата“ на крајот од сезоната ќе има опција да го откупи целиот негов договор за 30 милиони евра.
Во слични услови ќе замине и Фратези во Лацио за да биде лидер на проектот на Џенаро Гатузо, но засега се уште не се откриваат детали за тоа колку ќе изнесува опцијата за откуп на крајот на сезоната.
Двете операции се очекува да бидат комплетирани во најбрзо можно време, се со цел Интер да ги приведе до крај двете зделки за кои преговара веќе со недели.
Првата е Куртис Џоунс од Ливерпул со кого Интер преговара од стартот на летото, а втората е Џед Спенс кој треба да дојде како засилување од Тотенхем за десната бековска позиција. Овие две операции би требале да го чинат италијанскиот првак околу 70 милиони евра.








