Кинеска компанија разви нов уред кој со ласерски зраци ги елиминира комарците, а неговата популарност ги надмина границите на Кина и почна да се извезува и на други пазари.
Ласерскиот уред за контрола на комарци се користи во регионот Синџијанг, во северозападниот дел на Кина. Го развила компанијата „Photon Matrix“, од каде што наведуваат дека бележат одлични продажни резултати и на прекуокеанските пазари.
За разлика од конвенционалните производи за контрола на комарци, уредот комбинира ЛиДАР сензори, технологија за визуелно препознавање базирана на вештачка интелигенција и алгоритми за обработка на сигнали со цел да ги открие и елиминира комарците.
Системот е опремен со повеќе безбедносни механизми и автоматски го деактивира ласерското зрачење кога некое лице ќе влезе во неговиот работен опсег.
Уредот може да ги препознае карактеристиките на комарците и да испука ласерски зрак во рок од три милисекунди. Може да детектира комарци на оддалеченост до шест метри и е дизајниран за употреба во различни средини, вклучувајќи затворени простории, дворови и кампување на отворено.
Компанијата на својата веб-страница објавила уреди за домашна, но и за индустриска употреба. Кога станува збор за уредите за домашна употреба, нивната цена изнесува 988 долари, додека уредите за индустриска употреба се проценети на 1.088 долари.








