„Електричниот тротинет не е играчка, од него детето не паѓа – тоа е исфрлено“: Лекар предупредува на опасни повреди кои можат да остават последици со години

Точка

11/08/2026

15:50

300

Големина на фонт

а а а

Еден момент на невнимание, камче на патот или нагло сопирање може да бидат доволни забавното возење со електричен тротинет да заврши во итна медицинска помош.

Овие повреди кај децата не се безопасни – од скршеници на рацете и нозете и големи гребнатини до повреди на главата и оштетувања на зоните на раст, чии последици може да се покажат дури по неколку месеци или години.

„При брзина од 25 км/ч. детето повеќе не паѓа – тоа е исфрлено“, предупредува д-р Алин Габриел Стеријан, детски ортопед.

Електричниот тротинет на родителите можеби им изгледа како безопасна играчка, но експертите предупредуваат дека треба да се гледа како на возило, а не како на игра. Особено се загрозени помалите деца, кои сè уште немаат доволно развиени рефлекси, сила и способност да ја проценат опасноста во сообраќајот.

Електричните тротинети станаа толку чести на улиците што повредите настанати во нивните незгоди веќе се дел од секојдневната практика на детските ортопедски служби. Зад навидум обичен пад може да се кријат скршеници, повреди на главата, сериозни рани и оштетувања кои можат да остават долгорочни последици.

Д-р Алин Габриел Стеријан, детски ортопед од Детската болница за итни случаи „Григоре Александреску“ во Романија, предупредува дека брзината на движење на електричниот тротинет значително го менува механизмот на повредата.

Затоа, на електричниот тротинет не треба да се гледа како на играчка, туку како на возило кое бара одговорност, заштитна опрема и познавање на сообраќајните правила.


Сè повеќе деца завршуваат на ортопедија

Според зборовите на д-р Стеријан, бројот на незгоди со електрични тротинети нагло се зголемува во последните години. Особено во топлите месеци и во урбаните средини, лекарите речиси секојдневно згрижуваат деца повредени во вакви незгоди.

Проблемот не е само во бројот на повредите, туку и во нивната тежина. Електричните тротинети можат да развијат брзина од околу 25 км/ч, а некои модели и повеќе. При таква брзина детето може силно да биде исфрлено по ударот, додека во повеќето случаи нема речиси никаква заштита освен евентуална кацига.

Дополнителен проблем претставуваат и преправките на тротинетите со кои се зголемува нивната брзина, што ги прави уште потешки за контрола.

Кои повреди се најчести?

Најчести се повредите на горните екстремитети – скршеници на подлактицата, лактот, рачниот зглоб и клучната коска. Детето при падот често инстинктивно ги испружува рацете или прелетува преку управувачот.


Може да се појават и:

- скршеници на потколеницата и глуждот,
- исчашувања и нагмечувања,
- длабоки и големи гребнатини настанати при контакт со асфалтот,
- повреди на мускулите и кожата,
- повреди на главата и лицето,
- потреси на мозокот,
- скршеници на лицето и повреди на забите.

Особено загрижуваат повредите на главата. Тие можат да остават долготрајни последици, особено ако станува збор за потешка траума или ако детето претрпи повеќе удари во главата.

Повредата може да остави последици со години

Кај децата особено е важно да се обрне внимание на повредите на зоните на раст, односно на ’рскавиците кои овозможуваат раст на коските.

Ако таквата повреда не се препознае и не се лекува правилно, зоната на раст може предвреме да се затвори. Последица може да биде скратување или деформитет на екстремитетот, кој станува видлив дури по неколку месеци или години и понекогаш бара дополнителни операции.

Долгорочни последици можат да остават и повредите на меките ткива – големи лузни, слабост или губење на функцијата на екстремитетот.

Ниту повредите на главата не треба да се потценуваат. Дури и навидум благиот потрес на мозокот може да биде проследен со проблеми со концентрацијата, помнењето или спиењето, што може да влијае и врз училишните обврски.

Коските на децата не се исти како коските на возрасните

Детската коска е поеластична и има поголема способност за ремоделирање. Поради тоа, некои скршеници кај децата не е потребно да се оперираат – коската за време на растењето може постепено да исправи одредени деформитети.


Сепак, постојат и скршеници кои бараат особено внимателно лекување, особено оние кои ја зафаќаат зоната на раст, зглобот или структури како нервите и крвните садови.

Интересно е што некои повреди кај децата може тешко да се забележат на првата рендгенска снимка. Поради тоа, клиничкиот преглед и следењето по повредата се многу важни.

Најчести грешки на родителите и децата

Лекарот како најчести грешки ги издвојува:

- возење без кацига и друга заштитна опрема,
- возење на две деца на еден тротинет,
- користење на тротинетот пред законски дозволената возраст,
- преправање на тротинетот со цел постигнување поголема брзина,
- возење меѓу автомобили,
- преминување на пешачки премин без симнување од тротинетот,
- користење телефон или слушалки за време на возењето,
- возење ноќе без рефлектирачки елементи и исправни светла,
- возење по влажна подлога, лисја или чакал,
- занемарување на проверката на сопирачките и гумите.

Една од најголемите грешки, смета д-р Стеријан, е тоа што родителите го доживуваат електричниот тротинет како играчка.

„Тоа не е играчка, туку возило“, нагласува лекарот.

На родителите им советува и самите да го испробаат тротинетот пред да му го дадат на детето. Така можат да видат колку брзо забрзува и сопира, колку е нестабилен при преминување преку пречки и колку се менува однесувањето на возилото на влажна подлога.


Како да го заштитите детето?

Ако детето користи електричен тротинет, основните правила треба да бидат јасни:

Кацигата е задолжителна при секое возење. Пожелно е да се користат и штитници за колената и лактите, како и ракавици.

Исто така:

- тротинетот треба да го користи само едно дете,
- брзината треба да биде што е можно помала,
- таму каде што постојат, треба да се користат велосипедски патеки,
- не треба да се вози меѓу автомобили,
- на пешачки премин треба да се симне од тротинетот,
- телефон и слушалки не треба да се користат за време на возењето,
- во вечерните часови неопходни се светлосни и рефлектирачки елементи,
- сопирачките и гумите треба редовно да се проверуваат,
- детето треба да се научи на основните правила за безбедно возење.

И, можеби најважно – родителот треба да му биде пример на детето. Ако детето го гледа родителот како носи кацига, поголема е веројатноста и самото да го прифати тоа правило.