Гробиштата „Green-Wood“ во јужен Бруклин се преполни со познати „жители“. Но, една биста крие посебна приказна за љубов и верност. Приказна за еден човек и неговото куче.
Бронзената статуа на Рекс, куче кое лежи на камена платформа на која е врежано неговото име, сведочи за еден исклучителен и посебен однос. Како што пренесува „Istorijski zabavnik“, се верува дека Рекс бил кучето на Џон Е. Стоу, кој бил еден од најголемите трговци со овошје во градот и починал во 1884 година. Веќе со децении луѓето собираат стапчиња и паднати гранки и ги оставаат на шепите на Рекс. Затоа што тој е добро момче.
„Кога станува збор за Рекс, тој очигледно се издвојува. Луѓето го гледаат од патот – се наоѓа на некој вид истакнато место, веднаш на раскрсницата на два патишта. Точно е под дрво и наоколу има многу гранки, па луѓето оставаат стапчиња преку неговите мали шепи. Некој еднаш оставил и фотографија од куче, можеби нивно милениче кое починало, како да сака да каже: „Рекс, чувај го моето малечко“, изјави за „Dodo“ Стејси Лок, менаџерка за комуникации на гробиштата „Green-Wood“.

Гробиштата во последните години станаа популарни меѓу туристите, но и меѓу локалните жители кои сакаат да избегаат од метежот и да поминат време во природа. Како што растел бројот на посетители, така растела и колекцијата стапчиња на Рекс.

Белешка од 19 век во досиејата на „Green-Wood“ се однесува на поставувањето „бронзена статуа на куче“, но останува мистерија дали Рекс навистина е погребан покрај својот сопственик или станува збор само за уметничко решение кое треба да покаже дека господинот Стоу за време на животот бил многу приврзан за своето милениче.
„Мислам дека луѓето сакаат да веруваат дека кучето е погребано таму и тоа е сосема можно. Единствено, не сме 100 проценти сигурни“, раскажа Стејси Лок.
Рекс не би бил единственото животно на кое му е оддадена почит на овие гробишта. Познато е дека неколку други сакани домашни миленици биле погребани заедно со своите сопственици пред управниот одбор на гробиштата во 1879 година да забрани погребување животни покрај луѓе.














