УЕФА се дистанцираше од дел од правилата кои ги имплементираше ФИФА на Светското првенство, но во пресрет на новата сезона во најквалитетните три натпреварувања под капата на европската Федерација, пристигна вест која влева оптимизам меѓу искрените фудбалски фанови.
Најважното фудбалско тело во европскиот фудбал претстави нова платформа наречена „Clear Line“ преку која ќе бидат активирани и фудбалските фанови за пронаоѓање на аномалиите на ВАР системот, а главниот ќе збор го има Роберто Розети, човекот кој е шеф на УЕФА судиите.
Во платформата ќе бидат вклучени и шефови од судиски организации на Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција, а тие веќе имале средба со Розети, но и со техничкиот директор на ИФАБ, Дејвид Елерајем со цел да почнат да се прават прилагодби за приближување на критериумите во различни првенства, но и во Европа.
– Свесни сме дека моментално никој не е задоволен од влијаењето на ВАР во фудбалот. Сакаме да избегнеме „сецкања“ поради микроскопски ситуации. Контектстот треба да ни биде јасен: Ова е фудбал, а не плејстешн! Мора да бидеме многу внимателни во имплементирањето на нови идеи, нашата цел е судијата да го има главниот збор, а ќе биде добро за фудбалот само ако ВАР реагира за чисти ситуации и јасни грешки.
– Целта е да соработуваме и да разменуваме идеи, знаеме дека има различни критериуми во секое првенство, но имаме идеја да ги приближиме ставовите и критериумите. Време е да направиме чекор назад, мислам дека отидовме предалеку со ВАР. Да направиме чекор назад и да ги вратиме судиите во фокусот, – порачал Розети на првиот собир со судиските шефови на петте најсилни првенства во Европа.








