Роналд Араухо комплетираше изненадувачки трансфер во Ливерпул и истиот беше официјализиран вчеравечер од двата клуба, а сосема очекувано, оној од „Енфилд Роуд“ му направи и прво интервју на уругвајскиот стопер.
Досегашниот капитен на Барселона реши да ја промени средината и да искуси нешто ново, па иако во прв момент станува збор позајмица, во операцијата е вклучено и право на откуп за сума од 55 милиони евра.
Доколку Араухо ја пронајде најдобрата верзија од себе во Ливерпул, „црвените“ ќе имаат шанса да го купат на крајот од сезоната, а фактот што доаѓа со голема желба да се докаже по лошата сезона која ја остави зад себе, прават мотивот да биде уште поголем кај енергичниот стопер.
Араухо за првпат во својата кариера ќе биде дел од најконкурентното домашно првенство во светот, но како што вели самиот, тоа му е исполнување на мал сон поради времето кое му го посветил на својот сонародник, Луис Суарез.
– Секако дека го следев Суарез и дека го гледав Ливерпул во тоа време. Уживавме да ја гледаме Премиер лигата во Уругвај и сите станувавме во ниедно време за да ги гледаме натпреварите на Ливерпул и Суарез.
– Како дете уживав да ги гледам сите неверојатни натпревари на Луис за Ливерпул, сите знаеме што тој оствари тука, испиша своја убава историја и сега е мој ред. Имам навистина добар однос со Суарез, предмалку добив порака од него. Ми посака среќа и ми порача дека сум се приклучил на голем клуб, – изјави Араухо.








