Мозочниот удар е една од водечките причини за смрт и долготрајна инвалидност, а иако ризикот се зголемува со возраста, може да се случи на која било возраст. Врз ризикот можат да влијаат и секојдневните навики, вклучително и начинот на кој ја поминуваме вечерта.
„Вечерните рутини имаат поголемо влијание врз долгорочното здравје отколку што мислат многумина“, истакнала нутриционистката Лиз Вајс за „EatingWell“. Заедно со нутриционистката Розан Раст, таа издвоила четири вечерни навики кои можат да ги зголемат факторите на ризик за мозочен удар.
Вечери со многу сол
Прекумерното внесување натриум може да го зголеми крвниот притисок, еден од главните фактори на ризик за мозочен удар. Проблем можат да бидат јадењата од ресторани и готовите оброци, пицата, супите и сувомесните производи.

„Вечерата е оброк во кој лесно може да се скрие премногу натриум. Кај лицата со висок крвен притисок или кај оние кои се чувствителни на сол, ваквите оброци ја отежнуваат контролата на притисокот“, објаснила Вајс.
Почестото избирање оброци со помалку сол може да помогне во одржувањето на здрав крвен притисок.
Алкохолот како дел од вечерната рутина
Редовното консумирање алкохол се поврзува со зголемен ризик од мозочен удар, а може негативно да влијае и врз квалитетот на сонот.
„Алкохолот може да го зголеми крвниот притисок, негативно да влијае врз крвните садови и да ги засили воспалителните процеси во организмот“, истакнала Раст.
Таа додала дека алкохолот навечер може да го наруши сонот, додека нарушувањата на спиењето исто така се поврзуваат со поголем ризик од мозочен удар.

Слатки грицки и пијалаци
Слатките и засладените пијалаци можат брзо да го зголемат дневниот внес на додаден шеќер, а неговото прекумерно консумирање на долг рок може да придонесе за покачен крвен притисок, прекумерна телесна тежина и дијабетес тип 2.
Наместо нив, се препорачуваат ужини што содржат протеини, растителни влакна или здрави масти. Меѓу едноставните опции се овошје со грчки јогурт или младо сирење, како и несолени јаткасти плодови, зеленчук и хумус.
Долготрајно седење по работа
По ден поминат во седење, повеќечасовното одморање на каучот значи уште помалку движење.

„Прекинувањето на долготрајното седење може да ја подобри циркулацијата, да помогне во одржувањето здраво ниво на шеќер во крвта и да придонесе за целокупното здравје на срцето и мозокот“, заклучила Вајс.
Не мора да правите напорен тренинг – кратка прошетка пред или по вечерата, истегнување или извршување домашни работи се едноставни начини да внесете повеќе движење во секојдневието.










