На регионалниот пат кон ХЕЦ Козјак се случи тешка сообраќајна несреќа во која седум лица се повредени, откако во судир учествуваа три автомобили и едно товарно возило. Едно лице е со потешки повреди, а сите повредени се пренесени во болница за укажување на медицинска помош.
Седум лица се повредени, од кои едно потешко, во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера попладне на регионалниот пат кон ХЕЦ Козјак, во атарот на селото Варвара, Скопско.
Според информациите од МВР, во несреќата учествувале четири возила со скопски регистарски ознаки: „фолксваген голф“, управувано од 19-годишниот Е.Џ. од с. Црн Врв; „сеат“, управуван од Д.А. (31) од с. Батинци; товарно возило „мерцедес“, управувано од Ш.С. (63) од с. малчиште; „форд“, управуван од Н.Л. (47) од Скопје.
Со тешки телесни повреди во несреќата се здобил 18-годишниот Б.Р. од с. Батинци, кој бил сопатник во возилото „голф“.
Со телесни повреди се здобиле сите чеворица возачи, како и уште двајца сопатници — Б.О. (30) од с. Палиград (сопатник во „голфот“) и С.Л. од Скопје (сопатник во „фордот“). Повредите им биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од СВР Скопје за утврдување на причините за верижниот судир.








