Министерството за култура објави краток оглас за две советнички места, вклучувајќи советник за култура, за кои не се бара стручно образование во областа на културата, туку диплома по економија, предизвикувајќи реакции од Левица која ги критикува условите и постапките за вработување.
Министерството за култура и туризам, среде летната сезона, објавува оглас за вработување на двајца посебни советници во Кабинетот на министерот – еден советник за правни работи и еден советник за култура. Рокот за пријавување е само три дена. Министерството, кое и без тоа располага со 17 државни советници, највисокиот ранг во администрацијата, сега има потреба и од дополнителни кабинетски советници со основна нето-плата од 60.000 денари. За советник за правни работи се бара само една година работно искуство, додека за „советник за култура“ не се бара образование од областа на културата, уметноста или културниот менаџмент, туку диплома по економија, поточно од областа на меѓународните економски односи, соопштија од Левица.
Од таму велат дека граѓаните имаат само три дена да се пријават, додека Министерството има и до четири месеци да го „избере“ кандидатот.
„Сосема оправдано се поставува прашањето зошто рокот за пријавување е само три дена и зошто ваквите огласи упорно се објавуваат во период на летни и колективни одмори, кога голем дел од потенцијалните кандидати се надвор од работните места и институциите. Особено е симптоматично што за „советник за култура“ не се бара никаква стручна квалификација од областа на културата. Останува впечатокот дека огласот не е објавен за да се пронајде најквалификуваниот кандидат, туку за да се задоволи формата на една веќе однапред утврдена кадровска одлука. Што точно ќе советува економист за меѓународни економски односи во Кабинетот на министерот за култура – за културните политики, музеите, театрите, музиката, современата уметност, издаваштвото? Или можеби називот „советник за култура“ е само формалност, додека стручниот профил на кандидатот е однапред замислен?“, прашуваат од Левица.
Партијата прашува што точно ќе советуваат новите советници, зошто постојните советници не се доволни и што, всушност, работат тие?
„Наместо рационално користење на постојниот кадар и јакнење на стручноста во институциите, власта продолжува со создавање нови кабинетски позиции кои оставаат сериозен сомнеж дека служат за партиско вдомување и наградување на „заслужни“ кадри. Ова е уште еден пример за начинот на кој власта ги третира државните институции како партиски кадровски центри. Министерството за култура треба да биде институција во која ќе работат стручни лица од областа на културата, а не простор за кабинетски привилегии и партиски вработувања зад формално објавени огласи“, се наведува во соопштението.
Левица апелира на рационално користење на веќе постојниот државно-советнички кадар, како и на транспарентни и фер процедури при огласите за вработување и ангажирање на кадри. Велат дека роковите мора да им овозможат на сите заинтересирани и квалификувани кандидати реално да учествуваат во постапката, а не огласите да се објавуваат среде летни одмори со рок од само три дена.
















