Денес се одбележуваат 25 години од масакрот кај Љуботенски бачила каде загинаа осум македонски бранители. Во чест на загинатите, делегации од Армијата и Министерството за одбрана оддаваат почит со положување венци и цвеќе на повеќе спомен-обележја.
Денеска се навршуваат 25 години од масакрот кај месноста Љуботенски бачила, каде беа убиени осум македонски бранители, припадници на резервниот состав на Армијата.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.
На овој ден се оддава почит и на Aцо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Делегација од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ќе им оддаде почит на загинатите.
Во рамки на одбележувањето, делегацијата ќе положи цвеќе и венци на повеќе спомен-обележја посветени на загинатите бранители. Првата активност е предвидена во 8 часот кај спомен-обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров. Во 8:30 часот ќе биде оддадена почит и кај споменикот на паднатите бранители во селото Волково.
Во 10 часот делегацијата ќе положи венци кај споменикот на загинатите бранители во селото Љубанци, додека во 12 часот ќе биде положено цвеќе и кај спомен-плочата во касарната „Илинден“.








