Станува збор за апликација која го претвора паметниот телефон во дигитален рели-совозач, а пред сè се истакнува по тоа што во реално време гласовно дава информации за острината и траењето на свиоците, но и предупредува кога на патот се наидува на други пречки…
„Rods“ е апликација која пред сè ќе им се допадне на љубителите на подинамично возење или на оние кои со задоволство би имале способен совозач кој добро го познава патот и навреме ги најавува претстојните свиоци, нивната острина и траење. Токму тоа е суштината на оваа апликација – таа го претвора паметниот телефон во дигитален рели-совозач.
Освен што ги најавува претстојните свиоци, може да предупредува и за лежечки полицајци, камери за контрола на брзината и промени на подлогата, но овие информации нема да бидат достапни за сите локации и дефинирани рути. Самото користење на апликацијата е прилично едноставно. Потребно е само на мапата да се одредат почетната и крајната точка, а по желба и контролните точки, додека „Rods“ автоматски ќе го направи сето останато.
Добро е и тоа што параметрите на патот по кој се планира возењето можат да се дефинираат рачно, при што може да се користи добро познатиот рели-систем за оценување на острината на свиоците. Исто така, рачно може да се одреди дали свиокот се отвора или се затвора, колкаво е растојанието до следниот свиок и во кој момент треба да биде дадена најавата.
Достапен е и специјално приспособен режим „Co-Driver“, во кој деталите за возењето се прикажуваат на екранот на паметниот телефон, што значи дека оваа апликација може да биде корисна и за вистински совозачи. Секако, тука се и низа други можности и детали, а во план се и бројни дополнителни функции, како поддршка за „Android Auto“ и „Apple CarPlay“. Затоа, сите што сакаат однапред да знаат што ги очекува на патот за време на возењето, со оваа апликација ќе го добијат токму тоа.
Веројатно не треба да потсетуваме дека возењето треба да се сфати сериозно и дека секогаш мора да се почитуваат сообраќајните прописи, а ова е апликација која може само дополнително да го направи возењето позабавно и потенцијално побезбедно, доколку се почитуваат ограничувањата на брзината и сообраќајните знаци. Апликацијата може ограничено да се користи бесплатно, но за пристап до сите можности потребна е претплата која чини 27,99 евра годишно (засега оваа верзија може бесплатно да се испроба во период од еден месец).











