Во Гостивар повеќе од еден месец луѓето се трујат со загадена вода, со илјадници хоспитализирани, додека властите не преземаат одговорност. Поповиќ го критикува молчењето и бара итна реакција од надлежните институции.
Повеќе од еден месец луѓето во Гостивар се трујат со загадена вода. Повеќе од 4.700 лица завршија во болница. А одговорност од власта досега нема од никого, изјави Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Граѓаните бараат чиста вода и одговорност
„Граѓаните на Гостивар бараат чиста вода и одговорност за труењето. Досега го нема ниту едното, ниту другото. Не може цел град да биде отруен, владата да им кажува дека дека водата може да се користи па потоа дека има бактерии, а никој да не сноси одговорност. Не може институциите да потфрлат и да не го заштитат здравјето на луѓето и никој да не одговара. Со последната изјава Клековски призна дека во водата во Гостивар имало „многу различни бактерии и вируси“. А премиерот Мицкоски ги уверуваше граѓаните дека водата е технички исправна. Ако водата била полна со бактерии како тврдеа дека е исправна и може да се користи како „техничка“? Никогаш не беше објавена анализа, извештај за водата, кој дозволил и дал одобрение. Само затоа што „експертот“ што соопшти беше Мицкоски“, рече таа.
Здравствена катастрофа и молк од обвинителството
Според Поповиќ, нема поголем скандал, ниту поголема неодговорност од вакво поигрување со животот на граѓаните.
„Ова е здравствена катастрофа, тотален хаос и распад на институциите. И одговорност мора да има. Доста молчи Јавното обвинителство. Савески наместо на екскурзија мора да реагира веднаш. Мицкоски, Клековски, Тошковски и сите инволвирани мора да одговараат“, рече таа.










