Во Велес полицијата лиши од слобода родители по пријава за запуштање и малтретирање на пет малолетни деца кои живееле во дом без основни услови за живот. Децата се згрижени во соодветни институции а против родителите ќе бидат поднесени пријави.
На 7 август во 20:40 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода Ѓ.Ш.(33) и 29-годишната С.Ш., двајцата од Велес, по претходна пријава за запуштање и малтретирање на дете.
Полициски службеници и претставници од Центарот за социјални работи Велес извршиле увид во домот каде престојувале двајцата со нивните пет малолетни деца. При увидот било констатирано дека во домот немало основни услови за живот и одгледување на децата, соопшти МВР.
За настанот бил известен јавен обвинител, а со родителите бил извршен службен разговор.
Во содејство со инспектор за малолетници и социјални работници од Центарот за социјални работи Велес, децата биле однесени во Општата болница Велес за утврдување на нивната здравствена состојба, по што биле предадени во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС Детско село“.
По целосното расчистување и документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.






