Во Хрватска се случи судир помеѓу товарен и патнички воз, при што неколку патници се повредени. Локален жител со виљушкар им помогна на спасувачките служби да ги извлечат повредените, што било клучно за навремена медицинска помош.
Во 10:05 часот меѓу железничките станици Свети Иван Жабно и Градец, кај Крижевци, се случил судир на товарен воз на ХЖ Карго и патнички воз на ХЖ Патнички превоз.
Шест патници се потешко, а 14 полесно повредени, дознава Хина од хрватското Министерство за здравство. Во патничкиот воз во моментот на судирот имало околу 20 патници. На терен се полицијата и итната медицинска помош. Пругата е затворена за сообраќај.
Копривничко-крижевскиот жупан Томислав Голубиќ за „Јутарњи“ изјавил дека никој не е во животна опасност.
Жупанот им се заблагодарил на медицинскиот персонал и ја пофалил брзата реакција на пожарникарите.
„Повеќе од 50 пожарникари учествуваа во спасувањето“, рекол тој.
Посебно ја истакнал помошта од мештанин кој живее во близина на местото на несреќата.
„Му благодарам на човекот кој со својот виљушкар ги спушти сите патници и повредени. Со тоа им ја олесни работата на итните служби, а благодарение на него сите повредени навреме стигнаа во болниците“, изјавил Голубиќ.
Мештанинот кој прв притрчал да помогне е Божидар Зрински. На несреќата наишол додека се враќал од бензинска пумпа.
„Отидов по машината и видов што треба да се направи. Тоа беше моја граѓанска должност“, рекол тој.
Зрински опишал дека на местото на несреќата имало многу повредени и искрвавени луѓе.
„Додека отидов по машината, итната помош веќе пристигна. Ги спуштав повредените со работната машина, со виљушкарот, не знам како би ги спуштиле тие“, раскажал Зрински.
Меѓу патниците, како што рекол, имало и две мали деца.
„Беа збунети, но не плачеа“, додал тој.






