Скандал во Јужна Кореја: Сојузот им плаќал ескорт-дами и масажи со „среќен крај“ на странски судии?

Точка

07/08/2026

18:56

498

Големина на фонт

а а а

Јужнокорејскиот фудбалски сојуз (KFA) се најде во центарот на скандал откако владина ревизија откри дека Сојузот наводно плаќал сексуални услуги за странски судии и други службени лица во периодот меѓу 2011 и 2012 година. Како што пренесува јужнокорејската агенција "Yonhap", со службените кредитни картички на KFA биле плаќани посети на салони за масажа со „среќен крај“ и други објекти за возрасни во Сеул и во градовите кои биле домаќини на натпреварите.

Станува збор за седум квалификациски натпревари за Олимписките игри во Лондон 2012 и Светското првенство во Бразил 2014. Услугите наводно ги користеле околу дванаесет судии и координатори од Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Иран, Бахреин и Узбекистан. Јужна Кореја на тие седум натпревари не доживеала ниту еден пораз, забележувајќи пет победи и две нерешени.


Истрага и „вообичаена практика“

Поранешни функционери на KFA изјавиле за телевизиската мрежа "JTBC" дека некои судии сами барале да посетуваат вакви објекти. Според нивните зборови, исполнувањето на таквите барања во тоа време било „вообичаена практика“.

Министерството уште во 2016 година ги истражувало наводите за обезбедување сексуални услуги за судиите, но тогаш не успеало да ги потврди сите околности. Новата ревизија, исто така, утврдила дека и одредени сегашни и поранешни вработени во Сојузот користеле службени кредитни картички во салони за масажа и други несоодветни објекти.


Скандал во сенка на друга афера

Случајот повторно излезе во јавноста во момент кога "KFA" веќе се соочува со силен притисок поради одделна истрага за именувањето на Хонг Мјунг-бо за селектор во 2024 година. Полицијата неодамна изврши претрес во просториите на Сојузот и заплени документација за да утврди дали во процесот на именувањето имало недозволено влијание или опструкција од страна на раководството на "KFA", вклучувајќи го и поранешниот претседател Чунг Монг-гју.

Именувањето на Хонг предизвика критики бидејќи Сојузот, по повеќемесечна потрага и разговори со бројни кандидати, на крајот повторно ѝ ја довери репрезентацијата на домашен експерт. Од "KFA" во меѓувреме соопштија дека се воведени построги интерни правила за да се спречи повторување на слични случаи.