Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика бурни реакции со изјавите за електричните возила, овојпат порачувајќи дека нивните сопственици се „луди“ и дека „имаат некаква болест штом ги возат“.
Контроверзните изјави Трамп ги даде за време на говорот на 5 август во казиното „Red Rock“ во Лас Вегас, каде што зборуваше за даночната политика на својата администрација.
Зборувајќи за електричните автомобили, Трамп опиша ситуација во која возачите, според неговите зборови, почнуваат да се грижат штом ќе забележат дека нивото на батеријата се намалува.
„Ја знаете онаа болест? Возат електричен автомобил и штом ќе видат дека батеријата паднала на три четвртини од капацитетот, почнуваат да размислуваат каде ќе полнат“, рече Трамп.
Иако директно не го употреби изразот „анксиозност поради досегот“, неговите изјави очигледно се однесуваа токму на стравот дека возилото нема да има доволно енергија за да стигне до следната станица за полнење.

„Тие луѓе се луди“
Претседателот на САД продолжи со критиките, велејќи дека возачите на електрични автомобили се „луди“ бидејќи, како што тврди, мораат да скршнуваат десетици километри од патот за да најдат полнач.
„Возите по автопат и гледате знак за станица за полнење со стрелка што покажува дека е оддалечена 89 милји. Тие луѓе се луди“, рече Трамп.
Од почетокот на својот втор мандат, администрацијата на Трамп спроведе низа мерки со кои беше забавена електрификацијата на американскиот автомобилски пазар.
Меѓу нив се укинувањето на федералниот даночен кредит од 7.500 долари за купување електрични возила, ублажувањето на еколошките стандарди што ги поттикнуваа производителите да развиваат електрични автомобили, како и запирањето или намалувањето на финансирањето за проширување на мрежата на брзи јавни полначи низ САД.
Многу аналитичари сметаат дека токму овие одлуки придонеле за забавување на растот на продажбата на електрични автомобили на американскиот пазар.

Спорни тврдења за нафтата
За време на истото обраќање, Трамп изнесе и тврдење дека Соединетите Американски Држави поседуваат „60 проценти од светските резерви на нафта и гас, вклучувајќи ја и Венецуела“.
Таквата изјава предизвика бројни реакции, со оглед на тоа што Венецуела е меѓународно призната суверена држава, без оглед на политичката и воената ситуација во земјата.
Трамп заклучи дека САД имаат доволно гориво за следните „илјада години“ и порача дека граѓаните и понатаму повеќе ги сакаат автомобилите со бензински мотори отколку електричните возила.
Неговите најнови изјави дополнително потврдуваат дека електричните автомобили остануваат една од темите околу кои политиката на неговата администрација најмногу се разликува од онаа на претходната американска власт.













