Трамп во рацете држи топка што потсетува на Земјата.
Германскиот земјоделец Бенедикт Линеман секоја година на едно од своите полиња со пченка, во близина на градот Зелм во западна Германија, создава огромен лавиринт. Оваа година инспирација пронашол во рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, кои ги прикажал како две бебиња во пелени, пишува „Deutsche Welle“.
Трамп при тоа во рацете држи топка што потсетува на Земјата. Иако целиот мотив може да се види само од воздух, земјоделецот подготвил и дополнителни содржини за посетителите кои лавиринтот го разгледуваат пеш.

Така, посетителите можат да учествуваат во квиз, а едно од прашањата гласи: „До кои правила треба да се придржува претседателот на САД?“ Понудените одговори се: а) владеење на правото, б) бучава и хаос, в) правилата на својата мајка.
Линеман вели дека квизот не е замислен само како забава, туку и како поттик за размислување. Тој сака да ги потсети луѓето „колку добро живееме во функционална демократија“.
„Кога ги гледате вестите, често останувате зачудени од тоа што го прават Трамп и Путин“, изјави тој.




