Со доделување на наградите заврши 7. Галичник Филм Фестивал

Точка

05/08/2026

15:18

203

Големина на фонт

а а а

Со свеченото доделување на наградите и проекцијата на македонскиот филм „Диџеј Ахмет “ на режисерот Георги М. Унковски, успешно заврши седмото издание на Галичник Филм Фестивал.

Во текот на четирите фестивалски дена, Галичник беше домаќин на филмски автори, гости и љубители на филмот од земјата и странство, кои имаа можност да проследат богата селекција на краткометражни филмови, мастерклас, разговори со автори и придружни фестивалски настани.


За најдобрите филмски остварувања одлучуваше стручното жири, Вардан Тозија, Наташа Петровиќ, Ивана Шекуткоска, кое ги додели следните награди:

- Гран При – „Што ако бомбардираат овде вечерва“, Либан
- Најдобар игран краткометражен филм – „Жигосување“, Кина
- Најдобар документарен краткометражен филм – „Кобила-авион“, Белгија, Швајцарија
- Најдобар анимиран краткометражен филм – „Живот кучешки“, Унгарија
- Најдобра актерка – Јана Никодиновска за улогата во „Мала шега“, Македонија
- Најдобар актер – Миливој Мики Рош за улогата во „Ветер во грб“
- Најдобра режија – Рабиа Озмен за филмот „Процедура“, Турција
- Најдобро Сценарио – Игор Христов за филмот „Сопри ја колата“, Бугарија
- Најдобра Кинематографија – „Нилски коњ“, Кина
- Награда од публика – „Сопри ја колата“, Бугарија
- Special Mentions – „Сакав да ти го слушнам гласот“, Соединети Американски Држави


Галичник Филм Фестивал и оваа година ја потврди својата улога како значајна платформа за промоција на современиот краткометражен филм, поврзување на авторите со публиката и поттикнување на филмската култура надвор од урбаните центри. Преку внимателно селектирана програма, фестивалот донесе филмови од повеќе земји, создавајќи простор за културна размена, нови авторски гласови и непосредна комуникација меѓу филмските професионалци и публиката.


Организаторите упатуваат искрена благодарност до членовите на жирито за нивната посветеност и професионалност, како и до сите автори, гости, волонтери, партнери, Агенцијата за Филм, спонзори и посетители кои придонесоа седмото издание на фестивалот да биде успешно реализирано.


Со уште едно успешно издание зад себе, Галичник Филм Фестивал продолжува да ја гради својата мисија, да го афирмира авторскиот филм, да создава нова публика и секое лето да го претвора Галичник во место каде што филмот се доживува на единствен начин.