„Мајорка е мојот втор дом“, рече актерот Мајкл Даглас откако доби почесна награда во Палма де Мајорка како амбасадор на островот. Тој е поврзан со познатиот шпански остров повеќе од 35 години, а колку му значи наградата, покажува и фактот што на настанот ја донел својата ќерка, Карис Зита Даглас, која го украде целото внимание.
Даглас ја заработи престижната титула меѓу десет одбрани луѓе кои се истакнале преку нивната долгогодишна промоција на островот, а семејството го поседува тамошниот култен имот С’Естака.
Со убавина како нејзината мајка, една од најубавите актерки во светот, Кетрин Зита-Џонс, Карис позирала со својот татко рака под рака на настанот. Младата актерка (23) го наследила талентот на своите родители; неодамна дипломирала на престижниот универзитет Браун, а воедно го остварила и своето театарско деби во Њујорк.


На настанот во Мајорка, таа насмеано позирала во елегантно издание – црна, тесна маичка без прерамки и широки панталони. Изгледот го надополнила со едноставна шминка и фризура, а носела и ниски потпетици.


Цела вечер не ја испуштала раката на својот татко потврдувајќи дека славното семејство се држи заедно во секоја прилика.

Церемонијата се одржа во Културниот центар „Коста Норд“ во Валдемоса, во чие реставрирање помогнал и самиот актер пред повеќе години, пренесе шпанскиот „Венити фер“. Даглас е на Мајорка поголемиот дел од годината, откако одлучи во голема мера да се дистанцира од глумата во 2022 година.





