По 30 години - нови сведочења можеби ќе го расветлат мистериозното убиство на Тупак Шакур

Точка

05/08/2026

14:30

885

Големина на фонт

а а а

Во пресрет на судењето на Дуан Кеф Д. Дејвис, закажано за 10 август, деталите за пукањето во Лас Вегас во 1996 година, во кое беше убиен Тупак Шакур, а ранет Суџ Најт, повторно се во фокусот.

Дејвис, кој е обвинет за организирање на нападот од возило во движење, беше уапсен во 2023 година и се изјасни за невин. Според полицијата и обвинителите, злосторството произлегло од жестокото ривалство на хип-хоп сцената, со судир меѓу групи поврзани со источниот и западниот брег на Соединетите Американски Држави.


На 7 септември 1996 година, Шакур бил на совозачкото седиште во црно БМВ управувано од Марион Суџ Најт кога бел кадилак им се приближил од десно и испукал куршуми. Најт бил ранет, но преживеал, додека Шакур починал седум дена подоцна на 25-годишна возраст.


Со години, истражителите се сомневаа дека пукал Орландо Андерсон, внукот на Дејвис, кој бил претепан од Шакур и неговите соработници во тепачка во казиното МГМ Гранд кратко пред нападот.


Во своите мемоари, Дејвис го опишал настанот со зборовите: „Нивниот напад врз мојот внук ни даде конечно зелено светло да направиме нешто“.


Во кадилакот, покрај Дејвис, биле Андерсон, Деандре Биг Дре Смит и возачот Браун. Иако властите долго време верувале дека Андерсон го повлекол чкрапалото, сведочењето пред големата порота отворило друга можност. Поранешниот соработник на Дејвис, Денвонта Ли, рекол дека Смит пукал, додека Андерсон немал „јасен истрел“ низ левото задно стакло.


Дејвис навел во своите мемоари дека тој и Најт биле единствените живи очевидци на она што всушност се случило. Меѓутоа полицијата никогаш не го пронашла кадилакот или оружјето употребено во убиството. Андерсон бил убиен две години подоцна во одделна пукотница, Смит починал во 2004 година од природни причини, а Браун бил убиен во 2015 година.