Доналд и Меланија Трамп во Белата куќа беа домаќини на деца на традиционалното делење слатки по повод Ноќта на вештерките, но една сцена од настанот привлече големо внимание и предизвика критики.
Меѓу децата кои дојдоа по слатки се најдоа и момче облечено во униформа што потсетува на советска воена униформа и девојче во традиционална руска народна носија.
Момчето носело маскирна јакна со ознака на тенковска единица, како и капа со советски воен амблем на кој биле прикажани срп и чекан. Девојчето што било со него носело сарафан, традиционален руски фустан со цветен дезен, а на главата имала карактеристична украсна лента.
Меланија се насмевнала додека му ја поправала капата на момчето, по што двете деца добииле слатки од претседателскиот пар.
Сцена во екот на војната во Украина
Традиционалното делење слатки во Белата куќа ги собира децата на семејствата на американските војници и државните службеници. Овогодишниот настан се одржа во време кога руските сили продолжуваат со нападите врз украинските градови.
Токму поради тоа, појавувањето на децата со советски и руски обележја предизвика критики. Дел од светската јавност ја оцени ваквата сцена како нечувствителна кон жртвите на советскиот режим, но и кон луѓето кои страдаат во актуелната војна во Украина.

Особено се коментира реакцијата на првата дама, која со насмевка му ја наместила капата со советски симболи на момчето. Официјалниот пренос на настанот од Белата куќа го забележа целиот момент, без никаков дополнителен коментар.











