Премиерот Христијан Мицкоски најавува проширување на истрагата за загадувањето на водата во Гостивар и очекува брзо обезбедување на безбедна и бактериолошки исправна вода за пиење за граѓаните.
Во Гостивар продолжува процесот на хиперхлорирање на водата, а премиерот Христијан Мицкоски очекува наскоро граѓаните да добијат вода која ќе може да се користи и за пиење и готвење.
„Во моментот се случува процес на хиперхлорирање којшто го вршат експерти од Јавното претпријатие Водовод Скопје. Секој ден се земаат различни примероци, се испитуваат и веќе можам да кажам дека одиме кон ситуација кога можеби за првпат во последните децении во Гостивар граѓаните ќе можат да користат вода за пиење која ќе биде бактериолошки исправна“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека државата обезбедила чиста вода за пиење за жителите на Гостивар, и им се заблагодари на компаниите и поединците кои се вклучиле во акцијата за донации.
Според премиерот, проблемот настанал поради несовесно работење на вработени во комуналното претпријатие, кои, како што рече, префрлиле вода од река во главниот резервоар.
„За тоа обвинителството постапува и веќе имаме лица кои се обезбедени, сослушани и очекувам да имаме и проширување на истрагата. Одговорноста е лоцирана и се преземаат мерки“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во моментот е обезбедена техничка вода за користење и побара трпение од граѓаните додека завршат испитувањата.
„Очекувам многу скоро граѓаните, покрај вода која ја користат за технички потреби, да добијат и вода за готвење и за пиење“, изјави премиерот.
Мицкоски во одговор на новинарско прашање упати и критики кон претходната власт, посочувајќи дека во минатото институциите не реагирале на наоди поврзани со квалитетот на водата во повеќе општини.










