Премиерот Мицкоски ја соопшти зголемената стапка на индустриско производство во јуни и намалувањето на државниот и јавниот долг во вториот квартал од годината, истакнувајќи ја успешната работа на Владата и критикувајќи ја опозицијата.
Индустриското производство во јуни годинава бележи раст од 6,5 отсто, додека во вториот квартал растот изнесува 4 отсто, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика.
Според него, паралелно со растот на индустријата, во вториот квартал од годинава е забележано и намалување на државниот и јавниот долг.
„Имаме намалување и на државниот и на јавниот долг во вториот квартал. Сега сме, посебно кај државниот долг, на ниво кое, би рекол, е најниско по периодот на короната. Имаме намалување за нешто повеќе од 40 милиони евра кај државниот долг и нешто повеќе од 20 милиони евра кај јавниот долг во вториот квартал од годината“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека овие показатели се резултат на, како што рече, двегодишната работа на Владата и посочи дека економските индикатори постепено стануваат видливи.
„Тоа се добри вести за граѓаните, односно успеси за државата, за општините и за граѓаните. Ние како Влада ќе продолжиме така да функционираме во периодот што следи. Индикаторите од две години напорна работа полека, но сигурно стануваат видливи, успесите доаѓаат и добрите времиња се пред нас“, истакна премиерот.
Мицкоски во изјавата упати и критики кон опозицијата, обвинувајќи ја дека создава негативна слика за состојбите во државата.
„Тоа не се добри вести за оние коишто не сакаат да успее оваа земја. Тоа се лоши вести за опозицијата којашто секој ден конструира, измислува, создава хистерија во општеството. А во суштина, сите овие наследени проблеми, односно урнисана држава, ограбена држава, засрамена држава, понижена држава, се резултат на оние седум години СДСМ и ДУИ“, рече Мицкоски.










