Маја Серафимовска Борозан од СДСМ упати критики кон власта и тендер-патриотите заради загадување на вода во многу населени места во Македонија, истакнувајќи дека ситуацијата е алармантна и бара итна одговорност и мерки.
Во над 50 населени места во Македонија водата не е безбедна за пиење, а листата расте секој ден, кажа денеска на прес-конференција Маја Серафимовска Борозан од СДСМ.
„Гостивар, Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Преглово, Маврово, Рич, Белотино, Башино Село, Елшани, Велестово, Ново Село, Сушица, Зубово, Државо, Гарани, Шутово и уште многу други места. Во Гостивар има ризик од епидемија на жолтица. И власта повторно задоцни со реакција. Иако престедателот Филипче уште пред 2 недели алармираше за ризикот од жолтица, власта дури вчера излезе со препораки за превенција и откривање симптоми. Се уште не се објавува извештај за водата во Гостивар, кој одобри, потпиша и кој гарантира дека „техничката вода“ е безбедна. А Мицкоски и Клековски даваат спротивни изјави. Клековски вели до крај на неделата водата во Гостивар ќе може да се пие а Мицкоски вели има нова бактерија“, рече Серафимовска Борозан.
Според неа, ова е тотален институционален колапс.
„Резултат на неспособност, небрежност и целосно игнорирање на основните потреби на граѓаните од страна на тендер-патриотитe. Додека Мицкоски отвора базени и оди на „екскурзии“, а Клековски држи прес-конференции, илјадници луѓе се разболуваат, а цела држава се претвора во зона на ризик. Пола Македонија е без безбедна вода за пиење. А одговорен сè уште нема. Ниту еден“, истакна Серафимовска Борозан.
СДСМ бара:
• Итна и целосна одговорност – политичка и кривична
• Јавно објавување на сите анализи и причини за загадувањето на водата
• Итна интервенција и обезбедување чиста вода за сите засегнати населени места.










