Венко Филипче ги критикува најавените мерки за нова "кошничка" на Владата, истакнувајќи дека тие нема да помогнат на граѓаните кои се соочуваат со растечки трошоци и ниски плати, и ги обвинува владејачките структури за неспособност да обезбедат реална економска поддршка.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, укажа дека најавената мерка на Владата на ВМРО за нова „кошничка“ нема да донесе никаква реална помош за граѓаните, туку според досегашното искуство, ќе биде уште едно празно ветување и ПР трик, и повторно ќе ги излажат граѓаните.
Филипче посочи дека минималната плата е далеку под потребното за нормален живот, луѓето не можат да преживеат во услови кога трошоците за основните потреби континуирано растат.
„Поскапува струјата, поскапува парното. Што може да очекуваат луѓето? 26.000 денари е минималната плата. Неколку пати го одбиваат нашиот предлог да се зголеми минималната плата на 600 евра. Кошничката достигна 70.000 денари. Ако се додадат другите трошоци реални, кирија за стан или кредит за стан, трошоците надминуваат 90 илјади денари. Луѓето не можат да преживеат“, рече Филипче.
Тој нагласи овие две години Мицкоски и неговата Влада покажале тотална неспособност за креирање економски политики што ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните.
„Што е вистината и суштината? Христијан Мицкоски ниту има знаење, ниту капацитет, ниту желба да ја води државата како што треба. Човекот е заинтересиран само за себе и својата мала група на луѓе околу него. Ништо друго. И од ова што го спомнува некаква кошничка, јас не очекувам ништо, заради тоа што сметам дека е повторно само некој ПР трик, нешто као ќе најават и на крај нема да биде ништо“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека граѓаните не ја избрале оваа власт за да слушаат споредби со кризата од 2022 година, туку очекуваат конкретни мерки за да можат да го издржат растот на цените и трошоците за живот.
„Гледам дека често целокупниот наратив е да се споредува тоа што сега се случува со 2022 година. Се споредува кризата, платите, менаџирањето и така натаму. Граѓаните не ја бираа оваа власт да споредува како било порано, очекуваат мерки. Во таа криза, да потсетам, 2 милијарди евра вкупен буџет беше насочен кон граѓаните, преку посебни мерки за различни категории граѓани, за социјални случаи, семејства со повеќе деца, студенти, стари луѓе, 600.000 семејства тогаш имаа субвенционирана струја итн. Кој сега доби некој пакет во оваа криза со поскапувањето на горивата во изминатиот период? Никој“, рече Филипче.












