Епидемиолошката состојба во Гостивар се подобрува, со намален број на пациенти кои побарале медицинска помош. Во болниците се регистрирани значително помалку прегледи, додека надлежните продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор и спроведување на мерки за заштита на населението.
Министерството за здравство информира дека епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување и континуиран пад на бројот на пациенти кои побарале медицинска помош.
Во текот на вчерашниот ден, во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи, што е за 37 помалку во споредба со претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи.
Во моментов, во болницата се хоспитализирани четири пациенти.
„Од почетокот на следењето, во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.483 први прегледи. До надлежните институции се доставени 1.014 формални пријави за заразна болест, а обработени се 706 нови епидемиолошки анкети, со што е постигната покриеност од 70 проценти.
Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор, прибирање и обработка на податоците, анкетирање на пациентите и координирано спроведување на сите неопходни мерки за заштита на населението. Намалувањето на бројот на прегледи е охрабрувачки показател, но состојбата и натаму внимателно се следи“, истакнуваат надлежните.







