Мистериозен предмет падна од небото и собори момче на тротинет: Снимката од Романија ги остави сите во шок

Точка

29/07/2026

21:15

509

Големина на фонт

а а а

Неверојатни снимки забележаа надзорните камери во селото Коменеаска, во округот Браила во Романија. Момче кое управувало тротинет ненадејно било погодено од засега неидентификуван предмет што паднал од небото.

Инцидентот се случил на 29 мај, но снимките беа објавени дури сега. Момчето се движело по улицата со тротинет кога ненадејно нешто паднало од небото и го соборило на земја.

Полицијата соопшти дека го истражува случајот.

Според нивните наводи, на 29 мај околу 14:45 часот било пријавено дека на патот „DN22“ во Коменеаска се случил сообраќаен инцидент во кој учествувало 12-годишно момче на електричен тротинет.

„По инцидентот, малолетникот бил пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош. Со досегашната истрага е утврдено дека момчето, движејќи се со електричен тротинет низ Коменеаска, на патот „DN22“ од правецот на Римнику Сарат кон Браила, паднало на коловозот и притоа се здобило со повреди“, соопшти во средата Полициската управа Браила за агенцијата „AGERPRES“.

На новинарското прашање дали можат да ги потврдат информациите дека момчето било погодено од предмет што паднал од воздух, претставниците на полицијата одговорија дека тие околности сè уште се проверуваат.

„Полициските службеници ја продолжуваат истрагата за со целосна сигурност да се утврдат сите околности под кои се случил настанот. Предметот се води поради сомнение за предизвикување телесна повреда од небрежност“, соопшти Полициската управа Браила.