Во последните години социјалните мрежи се преплавени со необични кулинарски експерименти, но едно ново видео на Инстаграм предизвика особено бурни реакции.
Имено Американката и креаторка на содржини Џејн Брејн покажала како подготвува цела вечера – во машина за миење садови.
Пилешкото и тестенините ги ставила во тегли, па ја вклучила машината
На почетокот од видеото таа покажала две пилешки филети кои ги става во стаклена тегла и цврсто ја затворила со капак. Во друга тегла ставила тестенини, ги прелеала со врела вода од бокал и исто така добро ја затворила.
Потоа двете тегли ги ставила во машината за миење садови, ја вклучила програма за перење на висока температура и ја оставила да го заврши целиот циклус. По завршувањето ја отворила машината, ги извадила теглите и го покажала резултатот – пилешко зготвено на пареа и тестенини омекнати во врела вода.
На крајот, со насмевка, порачала: „Вечерата е послужена“.
Видеото за кратко време собра илјадници коментари, а повеќето гледачи не беа воодушевени од идејата.
„Тоа што нешто можеш да го направиш, не значи дека треба“, напишал еден корисник.
„Вечерата дефинитивно НЕ е послужена“, додал друг.
Трет се пошегувал дека авторката „барем можела да ја зачини водата во која ги варела“, додека еден од најлајкуваните коментари гласи: „Кој овде вечера? Сал Монела“, алудирајќи на бактеријата салмонела.
Сепак, сите не се против овој метод. Еден корисник напишал дека на сличен начин повремено подготвува лосос, додека друг потсетил дека готвењето во машина за миење садови не е нова идеја.
Готвењето во машина за миење садови не е новост
Иако денес звучи како интернет-предизвик, готвењето во машина за миење садови не е нова појава. Повремено се споменува како начин за подготовка на риба или други намирници во добро затворени садови или вакуумски кеси, а некои корисници на социјалните мрежи тврдат дека сличен метод се користел уште на почетокот на 20 век.
Но тоа не значи дека станува збор за безбеден или препорачлив начин на готвење. Машините за миење садови не се наменети за подготовка на храна, а температурата и времетраењето на загревањето зависат од избраната програма и моделот на уредот. Поради тоа не може со сигурност да се гарантира дека, на пример, пилешкото месо ќе биде доволно термички обработено за безбедна консумација.
Покрај тоа, секогаш постои ризик храната да се контаминира со остатоци од детергенти или средства за плакнење доколку садовите не се целосно херметички затворени. Токму затоа ваквите вирални трендови е подобро да останат на социјалните мрежи, наместо да се испробуваат дома.









