Паоло Малдини дојде со голема желба и страст да му помогне на италијанскиот фудбал во најтешките премержја во историјата, но после само две недели како технички директор, се поверојатно е дека легендата на Милан ќе се повлече и ќе си поднесе оставка.
Политичките притисоци кои направија да му се стави вето на Андреа Пирло како селектор на Италија предизвикаа голем потрес на „чизмата“, а истиот се очекува да резултира со повлекување на двајцата луѓе кои се одлучија за некогашниот играч за врска.
Малдини како технички директор и Леонардо како негов прв асистент се разочарани од политичката вмешаност во дадениот случај, бидејќи претседателот на италијанскиот сојуз се соочи со огромни притисоци во обид да спречи назначување на Пирло.
Инволвираноста на Пирло со руска компанија за обложување направија неговата иднина како италијански селектор да заврши уште пред да почне, а откако самиот се помири со тоа и испрати официјално соопштение, во Италија најавуваат повлекување од имињата кои требаше да го предводат ремонтот во италијанскиот фудбал.
Малдини и Леонардо имаа долгорочен план за италијанската репрезентација, но откако видоа дека претседателот Џовани Малаго потклекнува на притисоците од политичкиот врв, двајцата се подготвени да понудат оставки.
Оваа ситуација ќе предизвика нов хаос во италијанскиот фудбал, а во моменти на големи турбуленции, медиумите прогнозираа дека Џорџо Кјелини би можел да биде нов технички директор место Малдини, додека Антонио Конте би прераснал во прв фаворит за селекторската функција.







