Левица ќе гласа против ребалансот на Буџетот за 2026 година откако ДПМНЕ ги одби речиси сите нивни амандмани кои имаа цел да го подобрат буџетот, вклучувајќи предлози за поголема јавна корист, заштита на природата, поддршка на жртви на насилство и подобрување на станбената политика.
Собранието денеска ќе одлучува за ребалансот на Буџетот за 2026 година
Левица најави дека ќе гласа против предложениот ребаланс, бидејќи, како што велат, амандманската расправа покажала дека Владата не само што нема намера да ја промени својата економска политика, туку го одбила речиси секој предлог што значел поголема јавна корист, подобра заштита на граѓаните и поодговорно трошење на буџетските средства.
Предлози за пренасочување на расходите
„Левица поднесе 47 амандмани со кои предложи дел од непродуктивните расходи да се пренасочат кон проекти од стратешко значење за државата и кон директна поддршка на граѓаните. Наместо да го искористи ребалансот за корекција на приоритетите, парламентарното мнозинство ги одби речиси сите предложени решенија. Еден од одбиените амандмани предвидуваше воведување GPS-систем за службените возила. Со оваа мерка ќе се воспоставеше целосна евиденција на движењето и користењето на службените автомобили, ќе се намалеше можноста за нивна злоупотреба за приватни и партиски цели и ќе се обезбедеше поголема отчетност при трошењето на јавните средства. ДПМНЕ одби дури и ваков елементарен механизам за контрола на државниот имот“, велат од Левица.
Одбиени средства за заштита на природата
Во делот на заштитата на природата, додаваат од партијата, ДПМНЕ ги одби средствата за изработка на студии за валоризација на планините Огражден и Кожув – неопходен предуслов за започнување постапка за нивно прогласување за национални паркови. Со прогласувањето на овие подрачја за национални паркови, според Левица, би се обезбедила највисока форма на заштита од идни концесии за рудници и други деструктивни зафати, би се зачувал биодиверзитетот и природните ресурси, а локалниот развој би се насочил кон одржлив туризам наместо кон експлоатација. Истото мнозинство, велат од Левица, го одби и амандманот за формирање посебен фонд за националните паркови, како и изградба на регионален центар за селекција и рециклирање на отпад кај Дрисла.
Поддршка за жртви на насилство
Без поддршка останаа и амандманите со кои Левица бараше изградба на нови шелтер-центри за жртви на семејно и родово базирано насилство, отворање нови центри за упатување и третман на жртви на сексуално насилство и стабилно финансирање на Националната СОС-линија. Единствено беше прифатено делумно зголемување на средствата за Националната СОС-линија – наместо предложените 5 милиони денари, беа одобрени само 2 милиони.
Одбивање на предлог за јавен станбен фонд
„ДПМНЕ го одби и предлогот за формирање јавен станбен фонд преку изградба на државни станови. Во услови кога цените на становите и кириите постојано растат, а сè повеќе млади семејства не можат да обезбедат сопствен дом, овој амандман ќе овозможеше државата повторно да преземе активна улога во станбената политика, наместо домувањето целосно да биде препуштено на пазарот и на профитот на инвеститорите.
Поддршка за земјоделството и државните служби
Во областа на земјоделството, парламентарното мнозинство го одби амандманот за изградба на државен откупен центар за земјоделски производи во Струмица. Со ова решение државата ќе обезбедеше сигурен пласман за домашното производство и ќе создадеше противтежа на откупните монополи кои со години ги диктираат цените на штета на земјоделците. Наместо земјоделците да зависат од волјата на неколку големи откупувачи, државата ќе можеше да интервенира на пазарот и да обезбеди поголема сигурност за домашното производство.
Одбиени беа и амандманите за Армијата и Министерството за внатрешни работи. Левица предложи дел од средствата наменети за набавка на НАТО-опрема да се пренаменат за реконструкција на касарни, сместувачки капацитети, кујни, санитарни јазли и друга инфраструктура неопходна за нормално функционирање на Армијата, како и за реконструкција и опремување на полициски станици, гранични премини и други објекти на МВР. Безбедноста не се гради само со набавка на нова опрема, туку и со достоинствени услови за работа на припадниците на Армијата и полицијата – ДПМНЕ одлучи дека тоа не е приоритет.
Отворање на конзулат во Корча
Поддршка не доби ниту амандманот за отворање Конзулат на Република Македонија во Корча, со кој ќе се обезбедеше постојано дипломатско-конзуларно присуство во регион од особено значење за македонското население во Албанија. Со отворањето на конзулатот ќе се олеснеше пристапот до конзуларни услуги за иселениците, ќе се зајакнеше институционалната поврзаност со македонското малцинство и ќе се унапредеше политичкото, културното и економското присуство на Македонија во регионот“, соопшти Левица.
Ребаланс што не се менува
Одбивањето на речиси сите амандмани на Левица, велат од партијата, покажа дека овој ребаланс не е документ што има простор да се подобри, туку документ што ДПМНЕ по секоја цена сака да го зачува непроменет, без оглед на реалните потреби на граѓаните.















