Јадранскиот делфин по име Оливер, кој си подава топка со капачите на плажа, одблизу го снимил искусен подводен снимател. Фотографиите откриваат тажна приказна.
Можете ли да замислите да си играте со топка во морето и да ви се придружи делфин? Токму тоа им се случило на капачите во Масленица, на брегот на Хрватска.
Капачите си играле со топка во морето, а одеднаш се појавил делфин и им се придружил во играта. Почнал да ја оттурнува топката во воздух и повеќепати бестрашно им се враќал на капачите, како навистина да си игра со нив.
Многумина на социјалните мрежи истакнаа дека станува збор за делфин кој често им се приближува на луѓето, а корисниците на интернет му го дале името Оливер. Локалните жители, наводно, го гледаат веќе неколку години.
Неодамна Игор Гоиќ, искусен подводен снимател, успеал одблизу да го сними популарниот делфин, а снимките ги објавил на својот Фејсбук профил. Неговите фотографии ја открија тажната приказна на овој необичен морски цицач.
Што знаеме за делфинот Оливер?
Распрашувајќи се, Игор дознал дека Оливер е стар осум години, а првпат бил снимен пред четири години во близина на Стариград заедно со својата мајка. Господин кој исто така го следи веќе неколку години го гледал со голем делфин, за кој се претпоставува дека му бил мајка.
Пред околу две години неговата мајка исчезнала. Набргу откако останал сам, Оливер се заплеткал во јаже долго пет метри, на кое била прикачена пловка. За среќа, локалните рибари успеале да го скратат јажето на еден метар и да ја отстранат пловката што му го отежнувала движењето. Со тоа, барем малку му го олесниле движењето.
Сепак, јажето останало на Оливер уште една година. Повторниот обид да му го отстранат, овојпат и со помош на стручни лица, завршил неуспешно.

Како делфинот живее без половина опашка?
Кога нуркачот го пронашол, Оливер веќе го немал јажето, но опашката му била оштетена и намалена за околу 50 проценти. На неговиот клун пронашол многу лузни, како и оштетување на опашното перо. Иако ова се само претпоставки на Игор, Оливер најверојатно го променил начинот на исхрана и сега повеќе се храни пребарувајќи го морското дно, карпестите процепи и слични места каде што пленот потешко може да му избега.

„И покрај тоа, тој навидум е во многу добра состојба, добро нахранет, активен и разигран, но она што секако треба да се земе предвид е дека е осамен. Тој бара друштво и контакт, но расте во самотија и дури и меѓу дивите животни е 'чудак', па никогаш не се знае што може да се очекува од него, иако тоа е случај и со оние кои не се осамени. И покрај сè што јавноста мисли за нив, тие знаат да бидат многу непријатни и опасни, а за нивната сила и големина не треба ни да се зборува“, наведува Игор во својата објава.

Тој, исто така, ги предупредува добронамерните капачи дека, доколку го забележат, треба да се обидат да не го допираат. Кога делфинот ќе одлучи да си замине, додава Игор, треба да му се дозволи да замине.















