Во време кога сите некаде брзаме, сме изложени на стрес и постојано се грижиме за здравјето на нашите најблиски, од длабочините на амазонската прашума доаѓа неверојатно откритие.
Неколку стотици километри од боливискиот град Ла Пас, на самиот раб на цивилизацијата, живее народот Цимане. Ги има нешто повеќе од 9.000 и претставуваат вистински медицински феномен на 21 век, бидејќи срцевите заболувања меѓу нив се речиси непознати.
Нивните исклучителни животни навики, заслужни за „најздравите срца во светот“, се темелат на три златни правила:
• исхрана,
• физичка активност и
• одмор.

Јаглехидратите не се непријател
Многумина ги избегнуваат јаглехидратите кога сакаат да ослабат, но дури 70 проценти од исхраната на народот Цимане ја сочинуваат токму јаглехидратите.
Разликата е во тоа што тие јадат исклучиво природна и непреработена храна. Основата на нивната исхрана ја сочинуваат ориз, пченка, маниока и банани.
Не консумираат рафинирани намирници, храната не ја подготвуваат предолго и не додаваат многу сол или шеќер. Нивната исхрана содржи околу 15 проценти масти и исто толку протеини.

Внесуваат приближно двојно повеќе растителни влакна од жителите на западните земји, а нивната храна е богата со селен, цинк и магнезиум.
Бидејќи храната не е секогаш во изобилство, несвесно го практикуваат и она што денес го нарекуваме наизменичен пост.
Тајната е во движењето
Често мислиме дека сме доволно активни ако поминеме еден час во теретана. Меѓутоа, народот Цимане покажува нешто сосема поинакво. Во просек прават околу 17.000 чекори дневно и многу ретко седат.
Жените и децата секојдневно работат на полињата, а нивните обврски подразбираат и вежби за издржливост и физичка сила. Движењето е составен дел од нивниот живот од утро до вечер, а денот често го завршуваат играјќи фудбал.

Спиење без екрани и денови исполнети со многу смеа
Колку пати сте заспале гледајќи во мобилниот телефон?
Цимане немаат електрична енергија, па нивниот дневен ритам го одредува природата. Набргу по заоѓањето на сонцето целото село оди на спиење, а за приближно половина час сите веќе цврсто спијат, без телефони, телевизори и други електронски уреди.
Во текот на денот заедно прават паузи, разговараат, си ги раскажуваат секојдневните случувања и многу се смеат. Поради тоа, според поединечни истражувања, припадниците на народот Цимане имаат и исклучително здрав мозок.

За жал, животот во прашумата носи и бројни ризици. Каснувања од змии, инфекции, недостиг од здравствена заштита и компликации при породување се причините поради кои нивниот животен век не е особено долг.
И покрај тоа, нивното срце останува здраво речиси до самиот крај на животот.
Овие луѓе нè потсетуваат дека материјалното богатство и современото изобилство сами по себе не носат здравје. Можеби не можеме, ниту сакаме, да се преселиме во прашума, но веќе денес можеме да воведеме неколку корисни промени:

• да пешачиме повеќе,
• да го исклучуваме телефонот пред спиење и
• да вклучиме повеќе непреработени намирници во исхраната.
Срцето ќе нѝ биде благодарно за тоа.











