Месечината е многу повеќе од обичен украс на ноќното небо. Ако одеднаш исчезне, тоа би имало далекусежни последици за Земјата – би влијаело врз плимата и осеката, климата и екосистемите.
Веќе милијарди години, Месечината кружи околу Земјата. На просечна оддалеченост од околу 384.400 километри, таа го обликува животот на нашата планета многу повеќе отколку што повеќето луѓе мислат.
По повод Меѓународниот ден на Месечината, кој секоја година се одбележува на 20 јули, германската новинска агенција „dpa“ подготви научен осврт на прашањето: Што би се случило ако Месечината одеднаш исчезне?
Одговорот на „NASA“ е јасен – Земјата би станала сосема поинакво место. Некои последици би се почувствувале веднаш, како што се значително потемните ноќи и многу послабата плима.
Други промени, како што се нарушувањето на стабилноста на Земјината оска или промената на брзината на нејзината ротација, би се одвивале во текот на многу долги временски периоди.

Послаба плима и непредвидливи годишни времиња
Месечината е единствениот природен сателит на Земјата. Иако на неа не е можен живот бидејќи нема атмосфера, нејзината улога во одржувањето на животот на нашата планета е исклучително важна.
Нејзината гравитација ја стабилизира Земјината оска, која моментално е навалена приближно 23,5 степени во однос на орбитата околу Сонцето. Токму благодарение на тој наклон, северната и јужната хемисфера имаат различни годишни времиња.
Ако Месечината исчезне, наклонот на Земјината оска би станал значително понестабилен. Според пресметките на Кралската опсерваторија во Гринич, тој би можел значително да осцилира.
Во екстремно сценарио, Земјината оска би можела да стане речиси целосно исправена, што би значело дека годишните времиња речиси и не би постоеле. Доколку, пак, се навали повеќе во спротивна насока, одредени делови од планетата би можеле да се соочат со многу потопли лета, постудени зими, па дури и со ледени доба.
Гравитацијата на Месечината е главниот двигател на плимата и осеката.
„Сонцето исто така влијае врз плимата и осеката, но неговото влијание е приближно двојно послабо од влијанието на Месечината“, вели Мартин Кнапмајер од Германскиот центар за воздухопловство („DLR“).
Тоа значи дека без Месечината, плимата и осеката би биле значително послаби. Крајбрежните екосистеми, кои зависат од редовното менување на плимата и осеката, би претрпеле големи промени. Видови како школки, морски ѕвезди, полжави и бројни ракови би можеле да останат без своите природни живеалишта.

Деновите би станувале сè подолги
Месечината влијае врз Земјата и на уште еден начин. Во текот на милијарди години, нејзината гравитација постепено ја забавувала ротацијата на нашата планета – од само неколку часа во далечното минато до денешните 24 часа.
Ако Месечината исчезне, должината на денот на почетокот нема да се промени, објаснува Кнапмајер.
„Сепак, Сонцето со текот на времето ќе продолжи да ја забавува ротацијата на Земјата, сè додека, можеби по милијарди години, Земјата не остане постојано свртена со истата страна кон Сонцето, исто како што Месечината денес секогаш ни го покажува истото свое лице.“
Исчезнувањето на Месечината веднаш би се одразило и врз животинскиот свет. Бројни ноќни видови ја користат месечевата светлина за движење или ги приспособиле своите ловечки и репродуктивни навики на лунарниот циклус.
Без Месечината, ноќите би биле многу потемни. На некои предатори би им било потешко да го пронајдат својот плен, додека други видови би можеле да имаат корист од дополнителниот мрак. Таквите промени би можеле значително да ги изменат постојните екосистеми.












