Луѓето кои ја познавале велеле дека популарноста никогаш не ѝ била најголема желба и дека не сонувала да стане позната по секоја цена.
Александра Петрова имала само 16 години кога влезе во историјата како најмладата победничка на изборот за Мис на Русија. Нејзината убавина, харизма и неверојатен потенцијал веднаш го привлекле вниманието на модната јавност, а многумина ѝ предвидувале блескава кариера на најголемите светски модни писти. Сепак, наместо живот под рефлекторите и светска слава, нејзиниот пат бил прекинат од брутална трагедија.
Родена во Чебоксари, Александра пораснала како повлечена и сериозна девојка, далеку од сликата за идна модна ѕвезда. Луѓето кои ја познавале велеле дека популарноста никогаш не ѝ била најголема желба и дека не сонувала да стане позната по секоја цена.
Сè се променило во средината на деведесеттите години, кога се појавила на избор за убавина. Тогаш шестнаесетгодишната Александра веднаш го привлекла вниманието на жирито и публиката. Со густа костенлива коса, висина и изглед што многумина ги потсетувал на филмски ѕвезди, се издвојувала меѓу останатите натпреварувачки и ја освоила титулата најубава Русинка. Нејзината победа одекнала низ целата земја. Фотографиите на младата мисица се појавиле во бројни медиуми, а експертите од модната индустрија зборувале дека пред неа е кариера каква што ретко се гледа. Многумина верувале дека Александра ќе стане едно од најголемите имиња на руската и светската мода.
Сепак, иако вратите кон меѓународниот успех ѝ биле широко отворени, животот ја одвел во сосема поинаква насока.
Од мисица до светска модна надеж
По освојувањето на титулата Мис на Русија, подемот на Александра бил незапирлив. Следувале телевизиски гостувања, бројни патувања и ангажмани што ја одвеле надвор од границите на нејзината земја.
Особен успех постигнала на натпреварот „Model International“, каде што успеала да надмине голем број натпреварувачки од различни делови на светот. Тој резултат дополнително ја зацврстил нејзината позиција во модната индустрија, а светските модни агенции почнале да покажуваат голем интерес за младата Русинка. Пред неа се отворале можности во најголемите модни центри во светот – Њујорк, Париз и Милано. Пристигнувале понуди за снимања, ревии и профитабилни договори, а се чинело дека е само прашање на време кога ќе направи голем меѓународен пробив.
За да ги оствари своите амбиции, Александра почнала сериозно да го изучува англискиот јазик и уште повеќе да ѝ се посветува на својата кариера. Сè укажувало на тоа дека еден ден ќе стане едно од најпрепознатливите лица на модната сцена.
Сепак, таа имала поинакви планови.

Љубовта посилна од светската слава
Наместо да ги прифати сите понуди и да се пресели во странство, Александра сè почесто се враќала во родниот Чебоксари. Причината била љубовта кон Константин Чувилин, богат и влијателен бизнисмен кој бил значително постар од неа.
Додека многумина очекувале младата мисица да ја искористи шансата и да изгради светска кариера, таа сакала поинаков живот. Покрај Константин ја замислувала својата помирна иднина, далеку од постојаниот притисок, камерите и модните писти. Нејзините пријатели подоцна раскажувале дека покрај него била среќна и дека верувала оти ја пронашла личноста која не ја гледа само како прекрасно лице од насловните страници, туку како жена со свои желби и планови.
Александра веќе тогаш размислувала за животот по моделингот. Сакала во својот роден крај да отвори сопствена модна агенција и да им помага на младите девојки кои сакаат да се занимаваат со моделинг. Правела планови за иднината, со нетрпение ја очекувала свадбата, а луѓето од нејзиното опкружување ја опишувале како девојка која конечно го пронашла она што го барала – љубов и сигурност.
Но, наместо свадба и нов почеток, следувало злосторство што засекогаш променило сè.

Убиена пред својот 20. роденден
Во есента 2000 година, само два дена пред да наполни 20 години, Александра Петрова била убиена во брутална заседа.
Кобната вечер, на 16 септември, се враќала дома со Константин Чувилин и негов познаник. Кога пристигнале пред зградата, напаѓачите отвориле оган. Во моментот кога започнала престрелката, Александра била погодена и се здобила со тешки повреди. Истражителите подоцна наведувале дека најверојатно таа не била главната цел на нападот, туку се нашла во погрешно време на погрешно место.
Лекарите со часови се бореле за нејзиниот живот, но не успеале да ја спасат. Трагичната судбина го прекинала животот на младата жена која само неколку дена подоцна требало да го прослави својот голем јубилеј – 20. роденден. Наместо прослава, нејзиното семејство и пријателите ја испратиле во нејзиното вечно почивалиште.
Официјалната истрага го поврзувала убиството со криминалните пресметки кои биле чести во тој период во Русија. Сепак, случајот никогаш не добил конечен епилог. Вистинските убијци никогаш не биле официјално пронајдени, а прашањето кој и зошто го наредил нападот останало обвиено со вел на мистерија.
Александра Петрова остана запаметена како девојката која со само 16њњњњ години ја освои Русија, на која ѝ беше предвидувана светска кариера, но чиј живот трагично згасна пред да успее да ги оствари сите свои соништа.
















