Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на следната недела водата во Гостивар ќе биде безбедна за пиење, откако ќе се заврши целосното чистење на системот за водоснабдување кој беше зафатен од бактерии.
До крајот на оваа недела премиерот Христијан Мицкоски очекува водата во Гостивар да биде дозволена за техничка употреба, а до крајот на следната недела да биде добра и за пиење. Одговарајќи на новинарски прашања денес при посетата на Кавадарци, премиерот рече дека е предвидено целосно чистење на системот за водоснабдување во Гостивар.
„Ако биде се како што треба бидејќи се вклучија екипи и од скопскиот Водовод и експерти, јас очекувам до крајот на оваа недела да имаме технички исправна вода во Гостивар. Сега треба да се пристапи кон целосно перење на системот за да можеме да добиеме вода која ќе има нормални граници на хлор и која што ќе биде добра за техничка употреба, а ако биде се како што треба, планот е до крајот на следната недела таа вода да биде добра и за пиење“, рече премиерот Мицкоски.

И денес премиерот кажа дека Владата иако нема ингеренции за градскиот водовод, прави се што може за, како што кажа, час поскоро системот да профункционира и да се стави во употреба.
„За жал таа летаргија што ја зафати општината после овој случај претставува предизвик за сите нас, но тоа е што е“, вели премиерот Мицкоски.

Водата во Гостивар е забранета за употреба поради присуство на бактерии од кои веќе се заразија и побараа лекарска помош околу 3.500 гостиварци.







