За дополнително да ги обесхрабри туристите кои го опсадуваат неговиот град во текот на летните месеци, првиот човек на Венеција, Симоне Вентурини, најави зголемување на цените на билетите од 5 и 10 евра на дури 50 евра.
Новиот градоначалник рече дека предлогот има за цел дополнително да ги обесхрабри пристигнувањата во периодот на зголемен туристички притисок врз градот. За време на изборната кампања, Вентурини вети дека ќе ја зголеми цената на билетот на помеѓу 30 и 50 евра, во зависност од датумот.
Тој бара одобрение од владата за оваа мерка
„Цената нема да биде 50 евра секој ден, туку во оние денови кога бројот на дневни посетители надминува 40.000. Следните ќе мора да платат малку повеќе, 20, 25 или 30 евра. Идејата е дека има широк спектар на цени, а 50 евра е највисока, но не секој ќе мора да ја плати највисоката цена“, објасниl првиот човек на „градот на вода“.

Во 2024 година, Венеција стана првиот туристички град во светот што наплаќа влезница, воведувајќи дневна такса од 5 евра за 29 дена помеѓу април и јули, во текот на кој секогаш има најголем прилив на посетители.
Во 2025 година, имаше проширување на 54 датуми, со можност оние кои ќе одлучат да дојдат во градот во последен момент да бидат наплатени двојно.
„Десет евра не се доволни за човек да избере ден кога има помалку луѓе. Градот е мал, има тесни улички, многу активности и не е метропола, а ние мора да воспоставиме праг на толеранција. Затоа посетителите треба да платат такса, бидејќи нивното доаѓање е стресен фактор за градот, а нашите служби за одржување мора да работат понапорно“, вели Вентурини.

Предложената такса е критикувана од активисти, експерти за недвижности и опозицијата, бидејќи, велат тие, не го решава проблемот со метежот, туку ја сведува Венеција на туристичка атракција за која се плаќа влезница. Тие веруваат дека се прави многу повеќе за регулирање на протокот на туризам, а помалку за враќање на жителите во историскиот дел од градот.
Вентурини вели дека парите се неопходни за да се одржи градот.
„Чистењето и одржувањето на градот чини милиони евра годишно, а овој товар не треба да го носат само жителите. Турист кој спие во хотел плаќа градски данок, но турист кој доаѓа на еднодневна посета ги користи услугите на градските служби“.

Додека опозицијата предлага да се ограничи бројот на посетители на дневна основа, Вентурини одговара дека италијанскиот закон не го дозволува тоа. Бројот на станари во историскиот дел од градот падна под 48.000, а бројот на кревети за туристи достигна 51.000.
Во 2024 година, Венеција заработи 2,4 милиони евра од данокот, минатата година бројката се искачи на 5,4 милиони по продолжувањето на бројот на денови кога се наплаќа влезница.
Оваа година беа додадени уште 6 дена.












