Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, на Македонско-индискиот бизнис-форум истакна дека политичкото пријателство со Индија треба да се претвори во конкретни економски соработки, нови инвестиции и долгорочни партнерства, со фокус на земјоделството и прехранбената индустрија.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, вчера се обрати на Македонско-индискиот бизнис-форум, кој се одржа во рамки на официјалната посета на претседателката на Република Индија, Драупади Мурму, на Северна Македонија.
„Официјалната посета на претседателката Драупади Мурму претставува силен поттик, политичкото пријателство меѓу нашите земји да го претвориме во конкретна економска соработка, нови инвестиции и долгорочни деловни партнерства“, истакна Серафимовски.
Во обраќањето пред претставниците на деловните заедници на двете земји, посочи дека сегашната трговска размена во земјоделството и прехранбената индустрија не ги одразува реалните можности на двете економии. Како области со најголем инвестициски потенцијал ги издвои сточарството, производството и преработката на овошје и зеленчук, лозарството и винарството, органското производство, пчеларството, како и развојот на дистрибутивни центри и современи преработувачки капацитети.
„Нашата цел е македонското земјоделство да го трансформираме во модерно, одржливо, технолошки напредно и извозно ориентирано стопанство. Индија ја препознаваме како значаен потенцијален партнер во тој процес, пред сè од аспект на трансферот на технологии и знаење, развојот на преработувачки капацитети и отворањето нови пазари“, нагласи Серафимовски.
Тој ги претстави и можностите за инвестиции во паметни системи за наводнување, рационално управување со водата, земјоделска механизација, дигитално следење на производството, соларни системи за фарми и производство на енергија од биомаса и биоотпад. Тој информираше дека компаниите што ќе ги исполнат пропишаните услови можат да користат поддршка преку националните програми и ИПАРД III.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е подготвено да биде активен институционален партнер. Подготвени сме да овозможиме директна комуникација со заинтересираните компании, да ги поврземе со македонски производители и преработувачи и да помогнеме инвестициските идеи да се претворат во одржливи проекти“, порача министерот.











