Вардар доживеа болна елиминација од Купс во првата нокаут рунда од квалификациите во Лигата на шампиони, но сега членовите на македонскиот првак ќе имаат дополнителен мотив да се борат за подобар резултат во Конференциската лига.
По елиминацијата од првото по ранг европско натпреварување, Вардар се сели во квалификациите за Конференциската лига, а таму ќе ги одмери силите со Рига.
Летонскиот шампион исто така испадна во воведната рунда од квалификациите на ЛШ, па тоа значи дека ќе гледаме битка на два национални прваци во второто квалификациско коло во третото по ранг европско натпреварување.
Вардар утре во 20:00 часот ќе ја пречека Рига на домашен терен на националната арена „Тодор Проески“, а на еден ден пред натпреварот, управата на клубот одлучи да одреди премија за да ги мотивира фудбалерите.
Раководството на „црвено-црните“ обезбеди премија од 100 илјади евра за своите фудбалери, сума која ќе биде исплатена доколку тимот успее да ја елиминира Рига во двомечот кој следи.







