Фабијан Руиз не стана шпански репрезентативец на најрана возраст и мораше да чека за првиот повик до 23 години, но откако доби шанса од Луис Енрике во 2019-та година, играчот за врска се прикажа како „златна амајлија“ на „црвената фурија“.
Иако не беше сигурен стартер на овој мундијал, со текот на времето повторно се претвори во недопирлив во стартниот тим на Луис де ла Фуенте, па со него во почетните 11 почнаа сите три завршни натпревари од нокаут фазата.
Руиз изгради неверојатна кохезија со Родри и двајцата го диктираа темпото на клучните натпревари против Белгија, Франција и Аргентина, а освоената светска титула само го подобри неговиот нестварен рекорд во дресот на Шпанија.
Фабијан стигна до 50 натпревари за најсилната репрезентација на Шпанија, а на сите овие средби нема забележано ниту еден пораз. Играчот за врска се има израдувано на 34 победи и има 16 нерешени резултати, со тоа што треба да се напомене дека се калкулираат резултатите кои се остварени во регуларните 90 минути.
Токму поради тоа последната победа над Аргентина му е запишана како реми, но исто така, не му се брои поразот од Португалија во пенал рулетот во финалето во Лигата на нации.
Непобедливиот Руиз всушност не ни беше на теренот во моментите кога се играше тој пенал рулет, а со освоената титула на Светското првенство, сега стигна до трет трофеј како член на шпанската репрезентација (има трофеј и од Лигата на нации и од Европското првенство).







