Пензионерот Ангес Кер од Англија, кој случајно го сочувал бурето со шкотско виски од дестилеријата „Glenrothes“ (Гленроутс), што како инвестиција го купил во 1971 година за 130 фунти (150 евра), денес има можност да го продаде за 270.000 фунти (315.000 евра).
Кер изјавил дека тогаш одлучил да купи буре со шкотско виски како инвестиција, со намера да го продаде по пет години, пренесе Би-би-си.
„Идејата беше секоја година да се купува ново буре во период од пет години. Во шестата година ќе го продадевте првото, ќе купевте второ, а профитот ќе си го задржевте“, објаснил Кер.

Кер изјавил дека веднаш откако го купил бурето со шкотско виски, добавувачот на бурето банкротирал, а сите траги од неговото тогашно купување исчезнале, па тој бил убеден дека го загубил својот имот.

„Немав полномошно, никаков доказ за сопственост, ниту пак знаев каде се наоѓа бурето. Помислив: тоа е тоа, повторно изгубив сè. Пијам вино, а не виски, и не знаев што да правам со него, па го оставив“, изјавил Кер (81), кој денес е пензионер.

Тој додал дека бурето со шкотско виски го открил неколку години подоцна, кога го контактирала компанија со седиште во Глазгов, за да побара надомест за неговото складирање.

Кер изјавил дека дури неодамна контактирал со брокер за да се обиде да го продаде бурето, кога добил информација дека неговото буре со 55 години старо шкотско виски е проценето на 270.000 фунти, што е 2.000 пати повисока цена од онаа што ја платил во 1971 година.
Се верува дека тоа е најстарото „Гленроутс“ виски понудено на јавна продажба.







