Овој викенд концерти на Скопско лето

Макфакс

17/07/2026

16:20

157

Големина на фонт

а а а

Во рамките на фестивалот Скопско лето, овој викенд ќе се одржат два различни концерти, вклучувајќи настап на Аматерскиот женски хор „Фрида од Македонија“ и камерниот концерт на италијанските уметници Мирела Ди Вита и Сена Фини.

На 18.07.2026г. (сабота) ќе се одржи концерт на Аматерскиот женски хор „Фрида од Македонија“ насловен „Пеам – значи живеам“ со почеток во 20:30 часот во Музеј на град Скопје. Диригент е Сузана Турунџиева, а билетите се достапни на karti.com.mk.

Настанот претставува целовечерен концерт на првата (најискусна) група на а.ж.х. Фрида од Македонија, составена од искусни, долгогодишни хористки на кои музиката им е повеќе од хоби и пасија. Нивната љубов кон пеењето е идентична со љубовта кон животот. На нивниот репертоар се сместени обработки од најголемите хитови кои го одбележаа минатиот век, како и хорски обработки на многу актуелни македонски хитови.

На 19.07.2026г. (недела) ќе се одржи камерен концерт „Вокално пијанистички рецитал“ на Мирела Ди Вита – сопран и Сена Фини – пијано (Италија) во Салон 19’19 (Културно информативен центар – Скопје) со почеток во 20:30 часот.

Настанот претставува елегантно музичко патување низ европската лирска традиција, во кое гласот и клавирот се спојуваат во суптилен и изразен дијалог. Програмата ги обединува романтичните минијатури на Шуман и поетиката на Григ со префинетата италијанска кантилена и шпанската експресивност. Преку дела од Белини, Верди, Гранадос, Тости и Пучини, концертот открива богата палета на чувства и стилски нијанси. Вечер исполнета со рафинирана интерпретација и безвременска лирска убавина. Настанот е во соработка со Фестивалот Модоарс, а билетите се достапни на karti.com.mk.